Унковски: Луѓето се будат од хипнозата

by Фокус

Студентскиот марш е значаен бидејќи го пука големиот балон на една надуена ситуација. Ја покажува суштината дека кралот е гол, го открива тоа и го покажува непостоењето на каква било идеологија, апсолутно ова што се прави не е идеологија на ВМРО.  Тоа е идеологија која се базира на пари, на раководење со пари и на влијание и на ширење на власт, базирано на разни идеи кои сигурно не се државни, тврди режисерот Слободан Унковски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

– На таа линија мислам дека е врзан и целиот тој корпус на прашања со управување, со контрола на сè, од спортски клуб до универзитет, со сите области на животот. Тоа ги покажува манијакалните состојби на оние што ја водат државата, значи тоа не е веќе нормална состојба, зашто има мерка на потребата да се контролира, не, сè мора да се контролира до крај, сè мора да биде под контрола, сè мора да се решава од едно место и тоа станува неподносливо – истакна Унковски.

Според него, луѓето полека почнуваат да ги отвораат очите и да се будат од хипнозата.

– Од она што го гледам сега, што се случува со студентите и од некои други акции што се водат, гледам дека се води една поголема акција што не ја разбирам во моментот до крај, којашто полека го меле овој систем, нема да може одма бидејќи многу е поткрепен со пари, со злоупотреба на разни други органи, државни, меѓутоа полека, полека, мислам дека се отвора една друга димензија и луѓето сфаќаат, независно од тој популистички занес што ги тера во една хипноза, полека ги отвораат очите и полека гледаат каде се и што се и гледаат кај живеат и дека не им е животот поубав затоа што има ваков или онаков споменик – вели режисерот Унковски.

 

 

Поврзани новости