Универзитетското студентско собрание: Јаневска не ја поканивме на собирот пред УКИМ

by Fokus

Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) соопшти дека министерката за образование Весна Јаневска, која завчера држеше говор на собирот на платото на УКИМ, каде се одржа студентскиот собир за оддавање почит на загинатите во трагедијата во Кочани, воопшто не била поканета ниту да присуствува, ниту да зборува на собирот.

Од УСС-УКИМ велат дека сакаат да се оградат од говорот на Јаневска, за која тврдат дека ниту ја поканиле да присуствува, ниту да одржи говор. Пред студентите требало кусо да се обрати само ректорката, но не и министерката, велат од Студентското собрание.

„Нејзиниот говор, самото одржување, како и неговата содржина, не беа во агендата на одвивање на настанот. Нашата одлука, за којашто со мнозинство се изгласа на состанокот на 16 март, беше само двеминутно обраќање на ректорката во знак на солидарност и изразување сочувство“, пишува во соопштението.

УСС се извини за говорите на Јаневска и Ангелова.

„Со цел да не се создаваат поголеми гужви во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, велат тие, големи собири по кампуси нема да се организираат, како што беше првично планирано. Активностите за искажување на почит и сочувство ќе можат да се организираат на ниво на факултети, по иницијатива на факултеските студентски собранија, а УСС-УКИМ ќе понуди логистичка помош. УСС продолжува да застапува заедништво и меѓусебна поддршка на индивидуално и колективно ниво. Овие црни денови не се моментот да се делиме, ниту да се пренасочуваме едни против други. Дозволете да се сплотиме како студенти и да си ја распределиме тагата, така е полесна!“, се вели во соопштението.

Поврзани новости