Уништен дигиталниот споменик на Григор Прличев во Охрид, се бара сторителот

by Fokus

Во координација сме со јавен обвинител и се уште се преземаат мерки за откривање на вандалот, кој го оштети дигиталниот споменик на Григор Прличев во Охрид. Веднаш штом ќе имаме некои поконкретни сознанија ќе ја информираме јавноста, изјави за МИА портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој информираше дека вчера во 19:30 часот во СВР Охрид е пријавено насилно отстранување и одземање на 27 букви и на македонското знаме од виртуелниот споменик на Григор Приличев, лоциран на улицата „Коста Абраш“ во Охрид.

– Споменикот, кој е во сопственост на Општина Охрид, потоа беше исклучен од електрично напојување, рече Димоски.

Авторот на споменикот, професор д-р Анис Сефиданис на својот фејсбук профил објави дека непознати лица го пресекле доводот за електрична енергија до споменикот, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.

– Вечерва на 11 август, после нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват, напиша Сефиданис на фејсбук.

Дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите завчера беше промовиран во Охрид.

Најновите технологии, како што информира тогаш од Општина Охрид, ќе овозможат спознавање на културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест. Иновативниот систем е изработен од компанијата „Сефиданис“, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид.

Поврзани новости