УНЕСКО со нови строги препораки за Охрид испишани на стотици страници

by Fokus

На Охрид никој ништо не може да му одземе, колку што можеме ние самите. Вака некако во кратки црти може да се протолкува обемниот извештај на УНЕСКО за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот регион, кој е готов и испратен до институциите во земјава. Некои се уште не го добиле, некои само го виделе, а некои детално го разгледале. И сега повеќе бегање од вистината и реалноста нема. Ако до сега имаше простор за избегнување одговорност од разни причини, простор за маневар повеќе нема, пишува Независен.

Според информацијата Извештајот на стотици страници содржи сериозни и благо кажано остри критики за односот на нашето општество кон заштитеното светско културно и природно наследство на Охридскиот регион. Вистински шамар или соочување со реалноста. Како кој гледа, но извештајот е реален, критичен и се’ само не поволен, велат добро упатени извори кои имале увид во документот што УНЕСКО го подготви за состојбата на заштитените универзални вредности на Охридскиот регион.

Најголема забелешка и натаму останува прекумерната урбанизација, дивоградбите  долж крајбрежјето и во заштитеното подрачје на градот, пренагласената експлоатација на крајбрежјето, нефункционалниот колектор, нарушувањето и уништувањето на животната средина.

– УНЕСКО ги исцрта црвените линии преку кои веќе нема да го толерираат Охрид – се вели во информацијата.

Во делот на културното наследство се нагласува недоволната заштита на старата градска архитектура при што се посочува несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти. Се критикува поставувањето урбана опрема околу најзначајните знаменитости во градот. Градското јадро, грубо преведено, е се само не старо. Институциите задолжени за заштита на вредностите на стариот дел на градот молчеле и замижувале пред урбаното насилство врз заштитените вредности. Старото стана ново. Покривите станаа потпокриви, а автентичните детали ги заменија модерни сончеви колектори, на кои местото не им е во заштитените зони и УНЕСКО е дециден дека истите мора да се отстранат.

Она што најмногу загрижува е што најголемиот дел од овие забелешки се повторуваат во извештаите на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2009 наваму. Кој и зошто не ги спроведувал е големо прашање на кое јавноста бара одговор.

Сериозен проблем и натаму останува неусогласеноста на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Се доцни со носењето на урбанистичките планови, како и со решавањето на депонијата Буково.

Доколку Охрид се најде на Листата на заштитени подрачја во опасност, што е многу извесно после ваквиот извештај, државата и градот ќе имаат можност да користат стручна помош, искуства и механизмми на УНЕСКО за надминување на крајно неповолните состојби кои се закана за единственото заштитено подрачје со брендот на УНЕСКО кај нас, на што невладините организации од областа на заштита на животната средина укажуваат со години.

Поврзани новости