УНЕСКО ќе ги проверува сите проблематични локации во Охрид

by fokus

Експертите на УНЕСКО од утре па до крајот на неделата ќе ги проверуваат сите проблематични локации во Охрид за кои веќе пристигнаа забелешки дека се третирани несоодветно од градските власти.

Лилјана Поповска од партијата ДОМ за „Фокус“ вели дека според нивните информации, стручњаците на УНЕСКО ќе бидат особено заинтересирани за неколку места во Охрид.

„Тоа се објектите кај Плаошник каде УНЕСКО побара да се намали нивниот габарит бидејќи тоа е преголемо и целосно недозволиво таму да се случува. Тие побараа за 30 до 40% да се намалат објектите. Ќе проверуваат и изградба на објекти во заштитени подрачја каде не е дозволено да се гради, како кај Националниот парк „Галичица“, кај Лагадин или кај Студенчишко блато кај Билјанини извори“, вели Поповска.

Таа вели дека најверојатно планот за изградба во Студенчишко блато е повлечен и претпоставува дека ова место се спаси од градба.

„За Лагадин се води борба, таа чудовишна зграда од 5,6 спрата што почна да се крева со дозвола на локалната самоуправа, да сакаше локалната самоуправа веднаш ќе пратеше инспектор и ќе ја прекинеше играта. Но имаше голема игра, единствено УНЕСКО ако може да помогне и да им наложи да не се згуснува тоа место. Кај Националниот парк Галичица исто така не е почнато да се гради“, вели Поповска.

Според неа, УНЕСКО јасно ќе им ги укажат на градските власти критериумите во поглед на заштитата на природата, природните реткости и културните знаменитости.

„Да ги прифатиме сугестиите и да постапуваме според своите закони бидејќи и според нив се знае каде смее и каде не смее да се гради. Охрид е туристички град и на сите нас ни значи заштитата на УНЕСКО“, додава Поповска.

ТВ 24 објави дека, претставниците на УНЕСКО ќе бидат во Охрид до 14 април и ќе се сретнат со првите луѓе на општината, со вработените од ЈУ Завод и Музеј и со неколку еколошки невладини организации и здруженија

Претходно, УНЕСКО до градот Охрид достави забелешки за состојбата со објектите на Плаошник каде се градеше Климентовиот универзитет.

Поврзани новости