УНЕСКО без одлука дали Охрид ќе стане светско наследство во опасност

by fokus

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус помеѓу делегациите за тоа дали оваа локација треба да се најде на листата на светско наследство во опасност, јавува радио МОФ.

Усвојувањето на предлог-одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои на Северна Македонија и Албанија треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките од УНЕСКО, пред да биде одлучено дали локацијата ќе биде ставена на листата на светско наследство во опасност. Со амандманите исто така делумно се ублажуваат критиките во текстот на одлуката.

Претставникот на Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат двете држави во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, наместо да се демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

Претседавачот со Комитетот, откако увиде дека не постои консензус, одлучи Комисијата за светско наследство, заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија да направат дополнителна средба на која ќе се обидат да ги надминат несогласувањата по предложените амандмани. Според одлуката тие дополнително ќе треба да го известат Комитетот за напредокот на нивната дискусија по ова прашање, иако не беше даден нов рок кога би следела одлуката за Охридскиот регион.

Поврзани новости