Умрев, ама Северномакедонец не станав!

by fokus

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Македонизмот, во суштина, означува вештачки процес за создавање, а со тоа и оспорување на постоењето на Македонците како етнос. Тоа го имаат измислено Бугарите со цел да извршат геноцид врз Македонците. Тие со тој термин сакаат да го означат и самиот природен историски македонски сепаратизам, како вештачки и создаден со српски динари. Но, тоа е проклето тешко да го објасниме во Македонија, каде што веќе наголемо терминот македонизам означува потврда на македонското, на Македонците, обратно од она за кое е создаден самиот термин. Години и години се обидував да го појаснам ова, постојано бев плукан и навредуван за предавник. Па, одлучив да го користам терминот, онака како што сакаат Македонците, односно да ми користи како синоним на македонската или македонистичка култура низ вековите. Како термин за културниот идентитет на Македонците.

Во моментот кога се потпиша Преспанскиот договор и се додаде „Северна“ во името на државата Република Македонија, сѐ уште бев со стариот став за употреба на терминот македонизам и многу често објаснував дека ако македонизмот е негација на македонското, тогаш евентуалната појава на северномакедонизмот ќе биде двојна негација, односно фалсификат калемен на фалсификат. Катастрофа за современиот македонски идентитет. Непоимливо и неприфатливо.

Денес, со оглед на фактот што го прифатив за свој ставот на мнозинството и македонизмот го „легитимирав“ пред мои очи, северномакедонизмот за мене е промоција на сосема нова култура, сосема нов културен идентитет на Македонците, следствено на што во иднина ќе станеме и Северномакедонци од Северна Македонија, кои говорат северномакедонски јазик. Потписниците на Преспанскиот договор нѐ убедуваа дека Македонци и македонскиот идентитет не се допира со тој договор, што значи пројавата и промоцијата на северномакедонизмот е во спротивност со самиот договор. Но, не забележувам реакција на меѓународниот фактор кога сме веќе соочени со промоција на тој фалсификуван северномакедонизам. Што е уште потрагично, јас не гледам домашна реакција од надлежните државни институции на таквите пројави и промоции на некаков си северномакедонизам. Или е тоа тотална негрижа за Македонија и Македонците, или е премолчена согласност со намерна асимилација на нас Македонците во Северномакедонци. Ако е првото, тоа е доволно владата веднаш да замине од власт. Ако е второто, тогаш е доволно да се почне процес на утврдување кривична одговорност за велепредавство на Македонија, Македонците и македонскиот идентитет и да паднат првите бесилки.

ТОА ШТО СЕГА МОЛЧИМЕ И ГЛЕДАМЕ СЕИР, ЌЕ НЕ ЧИНИ МНОГУ СКАПО

Бидејќи македонизмот низ вековите има мутирано во многу свои форми и варијации, денес може да се каже дека и мутацијата наречена северномакедонизам е легитимна како секоја друга. Можеби на времето многу нѐ болеше појавата и спомнувањето на славомакедонизмот, но денес го прифаќаме без забелешка. Сѐ уште многу тешко во нашата држава, но и во светот, се прави јасна разлика меѓу генетското и културното наследство. Ако ние се чувствуваме за наследници на културниот македонизам, тоа не значи дека сме директно генетски потомци на Ацо или Фичо. Ако ние сме потомци на славобугаризмот, не значи дека ние сме потомци на Кубрат и на Аспарух. Тоа е само и само историско и културно наследство со кое ние се идентификуваме. Но, никако не можеме да прифатиме нов калем, нова мутација, нова формула на македонизмот, макар тоа бил и северномакедонизам.

За жал, овој процес е во тек, процес на создавање северномакедонизам, тој е веќе јавна појава низ светот, но и во земјава, а ние сме неспособни за реакција и спречување на истото. Самото тоа што сега молчиме и гледаме сеир, ќе нѐ чини многу скапо во иднина. Ќе доживееме нашите деца да се изјаснуваат како Северномакедонци пред наши очи. Срам!

Јас се залагам за надградба на македонизмот, не за негова нова мутација. Зборувам за современ македонски идентитет, кој е подеднакво наследник на сите форми на македонизмот што биле присутни на територијата на денешна суверена Македонија или сите форми на бугаризмот или сите форми на илиризмот или дарданизмот… но никако за создавање хибрид, нов фалсификат, нова епизода од тажната македонска приказна. Никако и никогаш за создавање и прифаќање на каква било форма на северномакедонизам. Ако не успеам да го актуализирам овој срам, овој процес на тотално понижување, оставам аманет некој да напише и нека има една читанка, која зборува за некој си Петар во пусто транзициско ропство, кој кажал „умрев, ама Северномакедонец не станав“!!!

 

Поврзани новости