Умерено подготвени да бидеме луѓе

Неумерено сме храбри и бунтовни по ходниците, кулоарите, зад затворени врати и на кафанските маси, а тивки сме и со сведната глава кога треба јавно да се истапи и каже, јавно став да се изнесе, тогаш со умерено свиткан врат гледаме во врките на кондурите.

by fokus

Пишува: Звонко Давидовиќ

Сметаме дека се почнува и завршува со нас, дека светот и планетата се вртат околу нас и поради нас, дека сме корен и прапочеток на човештвото и писменоста, а не гледаме дека сме на маргините на светот, безначајни и небитни, ситниш за поткусурување, дипломатски и политички неписмени.

Умерени во своето знаење, неумерено го покажуваме своето незнаење и простотилак.

Политичарите неумерено лажат и ветуваат, неумерено се богатат и неумерено се корумпирани, а умерено се одговорни, умерено транспарентни, умерено кадарни.

Неумерени сме во патриотизмот, неумерени во пеењето патриотски песни и играње патриотски ора, а крајно сме умерени во желбата, волјата и делата да направиме нешто за татковината. Неумерено сме храбри и јунаци на зборови, неумерени фалбаџии, а тивки и умерени при првиот истрел кога треба татковината да се брани. Тогаш неумерените јунаци бегаат таму под Олимп и Пирин, на бреговите на Егејското море и чекаат се да стивне за да се вратат и повторно јунаци да бидат.

Неумерено сме храбри и бунтовни по ходниците, кулоарите, зад затворени врати и на кафанските маси, а тивки сме и со сведната глава кога треба јавно да се истапи и каже, јавно став да се изнесе, тогаш со умерено свиткан врат гледаме во врките на кондурите.

НЕУМОРНИ ВЕРНИЦИ СМЕ, А СЕКОЈА ПЦОВКА НИ ПОЧНУВА СО БОГА

Неумерени сезнајковци сме, неумерено солиме памет и се докажуваме, а знаењето ни е умерено и бројот на прочитани книги ни е помал од бројот на прстите на едната рака. Неумерени сме критичари на се, а никогаш ништо не сме создале самите па макар и умерено.

Неумерени верници сме за слави и причести, а секоја пцовка ни почнува со Бога.

Неумерено сме горди на својата историја, а умерено ја познаваме и почнуваме неумерено да ја прекројуваме. Неумерено се фалиме со своите корења и потекло, а не ги негуваме, ги разнебитуваме, скрнавиме и се повеќе забораваме.
Неумерено се фалиме со она што природата ни го дала , неумерено го експлоатираме, искористуваме и загадуваме, а воопшто не вложуваме да го обновиме и сочуваме.

И уште многу може да се зборува околу нашите неумерености и умереноста, но се се сведува на тоа дека сме неумерени во најлошите работи, а умерени до никакви во доброто и доблеста, со речникот на Европа умерено сме подготвени да бидеме луѓе.

Поврзани новости