Укринското прашање се надвива и над СПЦ за Македонија, пренесува „Политика“

by fokus

Српските цркви во Македонија и во Црна Гора потенцираат дека давањето автокефалност на овие две земји без согласност на Српската православна црква (СПЦ) би бил опасен преседан, но истовремено тие веруваат дека до тоа нема да дојде, пишува денешна белградска „Политика“, пренесувајќи го ставот на Јован Вранишковски од ПОА на СПЦ.

Весникот во анализата на „Украинското прашање“ кое произлегло „по одлуката на Васеленската патријашија да направи уште еден чекор кон давањето автокефалност на непризнатата Украинска православна црква со праќањето на двајца свои епископи“ го наведува ставот на Руската православна црква (РПЦ) за ова прашање.

– Вистинска закана се надвила над единството на целиот православен свет, а односите на двете највлијателни патријаршии – Васеленската и Московската дојдоа во ќорсокак… Дојде до значајна повреда на црковните канони, кои забрануваат епископите на една православна помесна црква да се мешаат во внатрешниот поредок и живот на друга православна помесна црква, се наведува во соопштението на Светиот синод на РПЦ.

Несомнено е дека „украинското прашање” се однесува на целиот православен свет, но со посебно внимание се следи и во Српската православна црква, пишува „Политика“, додавајќи дека ова го потврдува и неодамнешното писмо на српскиот патријарх Иринеј до цариградскиот патријарх Вартоломеј, во кое тој ја споредува состојбата во Украина, со она што се случува во Македонија и во Црна Гора, на чии територии, како што наведува „Политика“, е „присутна канонската СПЦ“.

Во тој контекст, Јован Вранишковски за „Политика“ истакнува дека „давањето автокефалност на овие две земји без согласност на СПЦ би бил опасен преседан.“

– Во случајот со Македонија, Васеленската патријаршија на СПЦ и има отстапено јурисдикција над територии каде сега се наоѓа Охридската архиепископија на СПЦ со томосот издаден во 1922 година. Не може некој сега тоа да го одзема, бидејќи тоа ќе создаде многу големи проблеми, а воедно би било и непринципиелно, изјави Вранишковски.

Тој потенцира дека постои канон, според кој доколку една состојба во црквата потрае повеќе од 30 години, тогаш тоа не се менува, освен доколку двете цркви-онаа која сака состојбата да ја менува и онаа која ја има јурисдикцијата, за тоа не се согласат.

Поврзани новости