Украинците во Македонија: Добивме еден куп ветувања, се мачиме да добиеме лекарска помош!

Бегалците бараат разбирање и поголема грижа

by Fokus 20:59
20:59

Здружението на Украинци во Македонија не е воопшто задоволно од тоа како нашата земја се грижи за бегалците од Украина по почетокот на конфликтот на крајот на февруари.

Тамила Велковска, потпретседателка на Здружението на Украинците во Република Македонија „Лесја Украинка“, во разговор за „Фокус“ раскажа низ што минуваат овие луѓе и со какви проблеми се справуваат во нашата држава.

„Согласно наши информации, во земјава моментално престојуваат околу 1100 Украинци, дојдени поради војната. Во Црвениот Крст на РСМ биле регистрирани околу 330 лица, но 60-тина од нив се веќе одјавиле и заминале од државата.

 

Нема Украинци кои побарале азил во РСМ, бидејќи иако засега азилот е единствена можност за бесплатно сместување, лекување и бесплатни оброци за бегалците во Македонија, овој вид на сместување воглавно не им одговара на Украинците. Затоа што азил е наменет на лица кои би сакале засекогаш да останат овде. А Украинците сонуваат што поскоро да се вратат во своите домови“, вели Велковска.

Па така украинските државјани коишто престојуваат во Македонија, остануваат овде како туристи, а после изминување на 90 дена од престојот, заминуваат во друга земја, се враќаат во Украина или поднесуваат барање за добивање привремен престој од хуманитарни причини. Привремениот престој овозможува право само да живеат во земјата една година со право на продолжување во случај на потреба. Во тој случај, украинските државјани немаат ниту право на вработување, ниту право на лекување, ниту право на децата да се школуваат.

Тие се соочуваат и со одредени ситуации кога е потребна лекарска помош, понекогаш и сериозна, која не се во состојба да ја платат приватно, а се обраќаат во Здружението на Украинци, поради недостиг на најнеопходни средства за живеење.

„Ни се обрати Украинка, сместена во Куманово, со алармантен здравствен проблем. Нејзината мајка-инвалид е зависник од инсулин, кој македонските граѓани го добиваат во здравствените домови бесплатно. Бидејќи таа нема никакво здравствено осигурување овде, не ѝ го дават во поликлиника, ја препратиле до Црвен Крст во Куманово, кој ја упатил до инспектор за странци во полиција на Куманово со образложение дека таму се должни да ѝ објаснат кој е надлежен.

 

Таа е согласна и да го купи инсулинот, но не ѝ го продаваат, таков е законот. А за човек зависен од инсулинот навремено непримање на тој хормон ќе значи буквално смрт во рок од неколку часа. Преку Црвениот Крст во Скопје го решивме прашањето“, смета Велковска.

Сепак, како што додава таа, таквите ситуации се секојдневни и апелираат што побрзо да им биде решен нивниот статус во земјава. Тие стапиле во контакт и со владата на Македонија, но оттаму само добиле ветувања.

„Уште од самиот почеток на сеопфатната руска инвазија на русија врз Украина сме во контакт со владините институции. Како што се испостави, ветувањата не се прелеале во поконкретни мерки. Најболните прашања поврзани со украинските државјани коишто се во Македонија после 24 февруари, се уште не се решени.

 

Од Министерството за труд и социјална политика ни беше ветено дека ќе се избројат капацитетите за сместување, градоначалникот на Охрид даде изјава дека овој прекрасен град ќе понуди своите капацитети, но до ден денес немаме ниту едно сместувачко место од државата. Единствено е подготвен камп во Визбегово за азил, но за него нема заинтересираност, бидејќи Украинците не планираат засекогаш да останат во Македонија“, анализира нашата соговорничка.

Што се однесува со вработувањето, повеќето граѓани биле одбиени од Агенција за вработување по нивните барања за дозвола со образложение дека има свој кадар за такви работни места.

„Уште во април беше подготвен пакет мерки по згрижување и помош на украинските државјани дојдени во РСМ поради војна, па дури и беше ставен на дневен ред за гласање во Владата, но никогаш не бил изгласан туку пратен на доработка. И сé уште се доработува, разочарано додава таа

Благодарение на Црвениот крст, Украинците во Македонија добија можност бесплатно да изучуваат македонски јазик. Освен децата, желба добиле и возрасните. Моментално има три групи кои двапати седмично следат часови по македонски.

„Ние се обидуваме да ги решиме најважните прашања поврзани со престој на Украинците во земјата. Според можностите, од хуманитарната помош, која се собира овде за Украина, се одвојуваат пакети со помош за тие на кои им е потребна. Многумина Украинците имаат средства сами да преживеат подолго време, многумина работат и он-лајн.

 

Тие бараат само разбирање, топол прием и пријателски подадена рака. Иако, останува одреден дел луѓе кои буквално се дојдени со една торба со најнеопходни работи во раце. И тоа е сé што им останало во животот. На тие највеќе им е потребна помош“, го заврши разговорот Велковска.

Воената инвазија врз Украина од Русија започна на 24-ти февруари оваа година, откако руските сили рано утрото извршија силен напад врз главниот град Киев, а десетици милиони Украинци ги напуштија своите домови.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости