Украинците признаа дека немааат ефикасна одбрана од иранските балистички проектили

by Fokus

Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека во моментов немаат ефикасна одбрана од балистичките ракети, за кои Киев тврди дека Иран планира да и ги испорача на Русија.

Јуриј Ихнат, портпаролот на украинските воздухопловни сили, изјави дека дострелот на иранските балистички ракети кои наводно пристигнуваат во Русија е од 300 до 700 километри, што и овозможува на Русија да гаѓа цели каде било во Украина.

„Постои голема веројатност ракетите да бидат испорачани северно од украинската граница, од каде ќе можат да бидат лансирани на целата територија на Украина“, изјави денеска Ихнат на прес-конференција одржана во Киев.

Претходно денеска „Си-Ен-Ен“ објави дека Иран се подготвува да испрати дополнителни илјада парчиња оружје во Русија, вклучувајќи балистички ракети земја-земја и беспилотни камикази-летала.

На прашањето дали оружените сили се подготвени да се одбранат од таквите типови ирански ракети, Ихнат рече дека Украина „ќе ги преземе сите заштитни мерки“, но предупреди дека во моментов украинските сили немаат ефикасна одбрана од такви ракети.

„Теоретски е можно да ги собориме, но многу е тешко да се направи со она што моментално го имаме на располагање. Имаме противвоздушна, а не противракетна одбрана“, изјави Ихнат пред медиумите споделувајќи ги проценките на Киев дека Русија има се помалку од ракетите „Искандер-М“ и недостигот го надополнува со ракети од иранско производство.

Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател Зеленски, го нарече Техеран „учесник во агресијата“.

„Иран испраќа ракети до Руската Федерација и знае дека Русите со нив ќе ги нападнат нашите градови. Тие ги обучуваат Русите да користат дронови, знаејќи дека ќе го нападнат украинскиот енергетски сектор и ќе предизвикаат нов бегалски бран кон Европската унија“, објави Подољак на Твитер

Поврзани новости