Украинските бегалци незадоволни, владата на Македонија категорична: Закон е закон!

by Fokus

Со почетокот на воената офанзива врз Украина од Русија на крајот на февруари оваа година, милиони украински државјани ја напуштија својата држава за да спасат „жива глава“. Оставајќи се зад себе, тие беа приморани да почнат од „нула“ во речиси сите европски земји каде што дојдоа.

Од нив, 1147 луѓе има во Македонија, а од Здружението на Украинци во земјава во текот на викендот излегоа на протест, поради како што рекоа, недоволната грижа што ја добиваат од инситуциите од Македонија.

„Дозволени се само како туристи повеќе од 90 дена, на секои 365 дена им се дава известување од хуманитарни причини. Со таа хуманитарна книшка не им се обезбедува образование, лекување, бесплатен превоз, вработување или било што друго, за жал според нас“, рече Александар Урбанович, претседател на Здружението на Украинците во Македонија.

Црвен крст е една од организациите кои се грижат за украинските граѓани во Македонија, а во моментов даваат поддршка за 261 лице и дел од нив го изучуваат македонскиот јазик.

Во базата на податоци на Црвениот крст за помош се имаат пријавено 328 лица, од кои 67 си имаат заминато од Македонија. Македонскиот јазик го изучуваат 35 лица во Скопје , две во Струмица и девет лица во Охрид“, ни соопштија од Црвен крст.

Во рамките на нивната поддршка за овие граѓани, се реализира: хуманитарна помош во храна и хигиена, ваучери за обувки и облека, СОС линија за психолошка помош, мобилни тимови кои ги посетуваат лицата за да ги следат нивните потреби и часови по македонски јазик.

Статистичките податоци на Црвен крст говорат дека тие се грижат за двојно повеќе жени од мажи, а присутни се и 21 дете.

Од владата за „Фокус“ не информираа дека од почетокот на војната во Украина, добиле само едно барање на четири лица за признавање право на азил, кое подоцна било повлечено со што се откажала постапката.

„Од почетокот на војната во Украина, Во Северна Македонија нема регистрирано лица со статус на бегалци од оваа држава. Согласно Законот за меѓународна и привремена заштита, едно лице може да поднесе барање за азил, а органот одлучува дали лицето исполнува услови за Статус на бегалец или Статус на супсидијарна заштита. Oд 24.02.2022 година до 08.06.2022 поднесено е само едно барање на четири лица за признавање право на азил, и тоа на мајка со три малолетни деца, но набрзо од нивна страна барањето е повлечено, со што се откажаа од постапката за признавање право на азил“, посочија од владата.

Граѓаните од Украина и Македонија според договорот можат да патуваат без визи и да престојуваат до 90 дена, а украинските граѓани кои се затекнале во Република Македонија пред почетокот на војната и не можат да се вратат во нивната земја, на нивно барање, од страна на подрачните служби за странци се одобрува привремен престој по хуманитарни основи, согласно Законот за странци.

Во периодот од 24.02.2022 година до 03.06.2022 година на 238 лица им е доделен привремен престој поради хуманитарни причини. Во истиот период во земјава влегле 8540 лица од Украина, а 7382 лица оствариле излез од територијата на Република Македонија.

Според она што го пропишува Законот во однос на правата, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено, лицата со статус на бегалец имаат исти права и должности со државјаните на Република Македонија, со следниве исклучоци:

– немаат избирачко право,

– не можат да вршат дејност, да засноваат работен однос и да основаат здруженија или политички партии, во случај кога со закон како услов е предвидено лицето да има државјанство на Република Македонија.

„По донесување на позитивно решение по однос на поднесено барање за азил, лицата може да добијат статус на бегалец или лице под супсидијарна заштита, но такви барања нема. Лицата со ваков статус имаат пристап до права од социјална заштита еднакво како и македонските граѓани, воедно овие лица имаат право на месечен надоместок за закупнина на стан и надоместок за режиски трошоци кој зависи од бројот на членови во семејството“, ни потенцираа од владата на Македонија.

Односот на релација Украина-Русија веќе е затегнат долги години, а истиот ескалираше утрото на 24-ти февруари 2022 година кога Русија започна ракетни напади врз Украина, фокусирајќи се на главниот град Киев. Бројките на загинати војници од двете страни секојдневно растат, а овој конфликт предизвика дополнителна криза во целиот свет и висок раст на цените на основните производи и нафтените деривати.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости