Украина: Најголема размена на воени заробеници од почетокот на руската инвазија

by fokus

Украина успеа да ја реализира денеска најголемата размена на воени заробеници од руската инвазија, обезбедувајќи враќање на 144 војници, вклучително и 95 бранители од фабриката за челик во Мариупол, а ослободувањето на исто толку војници го обезбеди самопрогласената проруска Народна Република Доњецк.

Според Украинската воена разузнавачка агенција (ГУР), повеќето украински воени затвореници биле тешко повредени, со прострелни рани, изгореници, скршеници и ампутирани екстремитети.

Русија не пријави размена на затвореници, но лидерот на Доњецката Народна Република изјави дека 144 сепаратистички борци, меѓу кои и руски војници, се ослободени.

„На Киев му предадовме исто толку затвореници од украинските вооружени единици, од кои повеќето се ранети“, изјави Денис Пушилин.

Русија и сепаратистите држат во заробеништво уште неколку стотици украински борци, а Киев е особено загрижен за судбината на Азовската бригада. Во денешната размена имаше и 43 борци од таа единица. Русија ги класифицира членовите на Азов како екстремно десничарска група.

Поврзани новости