Украдени документите на Јелена Томашевиќ во Занзибар, па не можеше да дојде во Прилеп на ,,Мел Фест”

by Фокус
Завчера во Прилеп се одржа возобновениот фестивал на забавни мелодии ,,Мел Фест”, настан на кој многу наши популарни поп-пејачи ги имаа своите музички почетоци. Елена Петреска, Наде Талевска, Андријана Јаневска, Симона Поповска, Наташа Малинкова, Елена Велевска, Игор Узунов, Маријан Стојановски, Огнен Здравковски, Горан Наумовски со Горан Папаз, Анастасија Аврамовска беа само дел од пејачите кои настапија на гала-вечерта.
Манифестацијата беше еден вид на најава на „Мел Фест – талент шоу“ кое ќе стартува пред Нова година, низ 15 градови во Македонија. Сепак, најавената гостинка која требаше да настапи на гала-вечерта, српската поп ѕвезда Јелена Томашевиќ не дојде во Прилеп. Причината за нејзиното отсуство ни ја појасни Елена Петреска, која е уметнички директор на манифестацијата.
-Јелена беше најавена како гостинка на ,,Мел Фест”, но за жал таа не можеше да дојде. Како што бевме информирани, Томашевиќ престојувала во Занзибар, каде што доживеала непријатност, која го спречи нејзиното доаѓање. Имено, и биле украдени документите, па поради тоа не била во можност да патува додека не добие нови патни исправи. Сепак, таа вети дека ќе се појави во некој од идните настани поврзани со талент шоуто, кои ќе започнат кон крајот на годината и ќе се одржуваат се до месец мај, а потоа ќе следува и финале во месец јули – ни изјави Петреска.
Таа додава дека е презадоволна од целиот настан, од реакциите на публиката, и со нетрпение ја очекува реализацијата на талент шоуото, каде ќе им се даде шанса на младите надежни музички таленти од целата земја.
-„Мел Фест“ има некаква магија, посебна енергија. Публиката беше презадоволна, а коментарите на луѓето дека сме направиле одлична приказна и дека чувствуваат возбуда што се дел од овој настан и дека на Македонија и фалат вакви настани и фестивали, ваква поддршка на музиката, на младите талентирани деца. На почетокот настапија неколку дебитанти кои ја воодушевија публиката. После фестивалот имаше одлична забава. Домот на културата „Марко Цепенков“ беше преполн до последното место. На коктел забавата свиреа „Игуана бенд“, забавата беше одлична, пеев јас, а одличен настап имаше и Виктор Апостоловски – раскажува Петреска.
Таа се заблагодари на публиката и учесниците, на водителката Лила, но и на спонзорите Мермерен комбинат, Прилепска Пивара и Витаминка кои го поддржале настанот и ќе продолжеле да го поддржуваат во текот на целиот серијал „Мел Фест талент шоу“.
-Во тек се сите подготовки околу шоуто, наредната недела ќе ги имаме сите прецизни детали околу тоа на која телевизија ќе биде емитувана гала вечерта, но и каде секоја недела ќе се емитува „Мел Фест талент шоу”. За финалистите од шоуто предвидени се награди, и сметам дека самото учество на настанот ќе им помогне во градењето на музичката кариера – ни изјави Петреска.
Вики Клинчарова

Поврзани новости