Угостителите бараат поддршка од владата и укинување на рестриктивните мерки

by fokus

Независната угостителска комора бара активно да учествува во креирање на петтиот сет економски мерки за финансиска помош и подршка за индустриите кои најмногу настрадаа минатата година како последица од пандемијата ковид-19. Незадоволни бидејќи не добила покана за активно учество во нивното креирање, тие јавно ги обелоденија и ги доставија до Владата своите барања.

Тие бараат помошта да биде контиунирана, со безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до званично завршување на пандемијата ковид-19.

Од новиот пакет мерки очекуваат да обезбеди директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на веќе доделената помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани.

Исто така, Независната угостителска комора бара од Владата да овозможи безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста.

Оттаму сметаат дека е неопходно изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10 отсто на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти, како и одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс период или наплата по завршување на пандемијата ковид-19.

Втора во низата мерки кои ги предлагаат, угостителите бараат финансиска помош и поддршка за трошоци за закуп-користење на деловен простор – угостителски објект и тоа, целосно или парцијално ослободување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост за периодот март 2020 – март 2021 година, целосна или парцијална финансиска помош во висина на договор за закуп – платена закупнина но не повеќе од 15 евра/м2 во зависност од локацијата односно од 5-15 евра/м2 за периодот март 2020 – март 2021 година, како и ослободување и намалување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост (училишта, градинки, општини и слично) за периодот додека траат посебните протоколи за работа односно не работеле институциите каде се наоѓа овој деловен простор.

Третото барање од угостителите се однесува на законска регулатива за трошоците за поставување на урбана опрема во периодот на пандемија и тоа преку целосна финансиска субвенција и помош или целосно ослободување на надоместот за поставување на урбана опрема – тераси за периодот март 2020 до март 2021 година како и целосно ослободување на плаќање на надомест на трошоци за поставување на урбана опрема до укинувањето на протоколите за работа на угостителски објекти и ослбодување на 50% на трошоците за надомест на поставување на урбана опрема за првата година по завршување на пандемијата ковид-19, но и одлагање на принудна наплата на долговите направени во услови на пандемија ковид-19 кон државните институции со нивно репрограмирање и тоа на период од 6 месеци грејс период и минимум 2 години исплата.

Во соработка со сите угостителски комори, тие од Владата очекуваат да креираа единствен регистар на угостителски објекти со нивна целосна класификација и категоризација врз основа на која регистрација ќе се врши распределба на финансиска поддршка и финансиска неповратна помош за угостителите и унифицирање на протоколите за работа на угостителските објекти во 2021 година за целокупната угостителска индустрија.

Угостителите бараат и враќање во целост на работното време на угостителската индустрија согласно законот за угостителска дејност со итно укинување на дел од несоодветните и непотребни рестриктивни забрани за работа на угостителските објекти како што се јачината на музиката и настапот на естрадни уметници.

Освен тоа, Независната угостителска комора бара да има свои претставници и задолжително активно да учествува при креирањето на сите препораки за рестриктивни мерки во Комисијата за заразни болести за угостителската индустрија.

Тие очекуваат Владата да донесе одлука за формирање заедничко работно тело со Комисијата за заразни болести со итен рок за изготвување на стратешка програма и стратегија со предлог мерки, решенија и унифицирани протоколи за работа во услови на пандемија ковид-19 за тоа дали, како и под кои услови и начини угостителските објекти ќе можат да работат во наредната 2021/2022 година, како и за изготвување на неопходни препораки-протоколи врз основ на кои угостителите – рестораните специјализирани за свадби и ноќните клубови, барови и дискотеки ќе може да ги планираат своите активности за 2021/202 година и својот иден опстанок односно идна економска исплативост.

Поврзани новости