Учениците во Долни Дисан нема веќе да се греат на стари печки на дрва: Јапонската амбасада донираше 30.000 евра за парно греење

by Fokus

Старите печки на дрва со кои се грееја училниците во ПУ ,,Гоце Делчев” во Долни Дисан, Општина Неготино, каде учат 120 ученици од прво до деветто одделение, заминуваат во историја, откако со грант од 30.463 евра од Јапонската амбасада се извршила инсталација на ново парно греење со пелети.

Веста ја соопшти градоначалникот на Неготино, Тони Делков, кој вчера заедно со заменик Шеф на мисијата г. Такахаши Сатору направи увид на работите направени од грантот кој општината, односно училиштето го доби од Јапонската амбасада.

-Вредноста на грантот изнесува 30.463 евра или 1.867.434 денари, средства со кои се изврши инсталација на ново парно греење со пелети во училиштето. Старите печки на дрва кои се користеа во училиштето сега се заменети со радијатори. Уште еднаш, сакам да се заблагодарам од мое лично име, но и од име на граѓаните на Општина Неготино до Јапонската амбасада за оваа донација, со што се подобрени условите за следење на наставата на 120 ученици од прво до деветто одделение и наставници кои одржуваат настава во ова училиште – информираше Делков.

Амбасадата на Јапонија во Македонија официјално започна со работа на 1 јануари 2017 година, а беше свечено отворена со традиционална церемонија на кршење буре со саке. Тогаш, за свеченоста од Јапонија пристигна државниот министер за надворешни работи Казујуки Накане, кој заедно со амбасадорката Кеико Хаеда, ја изведе церемонијата „кагами бираки” – кршење буре со саке и наздравија за успешно продолжување на билатералните односни помеѓу двете земји.

Во изминативе години Јапонија редовно и помага на нашата земја со донации. На почетокот на февруари во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Добрушево, Општина Могила, Јапонија помогна да се обноват прозорците, вратите, покривот и обезбеди нов систем за греење и систем за дренажа кои беа неопходни за да се подобри квалитетот на образовната средина за учениците.

Пред една недела пак, беше потпишан „Проектот за подобрување на медицинските услуги преку набавка на ултразвук за Градската општа болница„ 8-ми Септември “ и ќе биде обезбеден нов ултразвук апарат во износ од 60.985 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости