Уапсена, па ослободена новинарка во Србија која напишала текст дека Клиничкиот во Нови Сад нема заштитни маски

by Fokus

На новинарката од порталот на српската телевизија Нова, Ана Лалиќ, ѝ е одредена мерка притвор поради објавен текст во кој пишува дека Клиничкиот центар Војводина работи во хаотични услови и се соочува со хроничен недостиг на заштитни маски за медицинските сестри.

По објавувањето на текстот, реагирале од здравствената установа со барање од обвинителството и од полицијата да преземат мерки бидејќи новинарката со написот ја вознемирила јавноста и го нарушила угледот на институцијата.

Лалиќ на овие наводи реагираше објаснувајќи дека угледот на Клиничкиот центар во Војводина бил нарушен, но не од неа, туку од нивниот третман на медицинските работници.

„Угледот навистина ви е нарушен со тоа што, наместо да барате заштита на сопствената професија од политиканство, подржувате и учествувате во лицемерство и владејачката замена на тези дека граѓаните се виновни што имаме најмал број заразени во регионот, а најмногу смртни случаи. Угледот ви е нарушен затоа што не стоите зад своите дипломи и не кажувате она што големиот број ваши колеги низ цела Европа го говорат: Во проблеми сме. Немаме заштитни средства. Немаме доволно медицински персонал. Ни треба помош!“, рекла Лазиќ синоќа.

На ослободувањето на Лалиќ претходеше изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која соопшти дека Владата во теков на денешниот ден ќе ја повлече одлуката со која се воспостави посебен режим на информирање во време на пандемијата на коронавирусот.

Поврзани новости