Уапсен познат грчки актер и режисер поради силување

by fokus

Поранешниот уметнички директор на Националниот театар на Грција и познат актер и режисер Димитрис Лигнадис, вечерва беше уапсен во Атина по поднесените две тужби во кои се товари за силување, јави дописничката на МИА од Атина.

Еден од случаите е од пред десет години, а жртвата тврди дека тогаш на 14-годишна возраст, бил неколкупати силуван од познатиот актер и режисер.

Името на Лигнадис во изминатиот период во Грција се споменуваше во повеќе наврати за случаи на силување, сексуално вознемирување, како и сексуално насилство врз малолетни лица.

Веднаш по апсењето, адвокатот на обвинетиот, во изјава за медиумите рече дека Лигнадис ги отфрла обвиненијата, а утре или в понеделник ќе биде изведен пред истражен судија.

Министерството за правда на Грција излезе со соопштение во кое вели дека случајот сега веќе е во рацете на правдата, а „долгогодишниот молк, веќе е прекинат“.

Димитрис Лигнадис пред две седмици си поднесе оставка од позицијата директорот на Националниот театар на Грција, откако неговото име се споменуваше во сведоштва на актери за сексуално вознемирување.

Министерката за култура на Грција Лина Мендони, за целиот случај вчера одржа прес конференција и рече дека Лигнадис „е опасен човек“, кој со актерската умешност ги измамил сите и лично неа.

Поврзани новости