Гарнитурата што дојде на власт туркајќи се на портите на јавниот сервис со необјавени снимки од јавниот интерес, сега повикува новинари на распит во полиција поради објавени снимки од јавен интерес! Не верувам дека некој не го разбира дека во време кога Блескањето на Режимот е пуштено на најсилно, предупредувањата за можна цензура се многу опасно

Пишува
Наум СТОИЛКОВСКИ

На времето имаше еден прекрасен македонски документарен серијал „Уа Шнајдери“ (1995, Поповски/Митревски) по повод 100 годишнината од постоењето на филмот. „Уа шнајдери“ беше извик на кино-публиката кога филмската лента ќе пукнеше или филмот претходно бил „залепен“, со неколку отсечени сцени. И јас сум викал во Вардар, Карпош, Култура.

Денес викнам „Уа шнајдери“, но не во кино, туку на секој обид на власта за цензура. А таа наголемо се подготвува преку Министерството за вистина кое што се повеќе си го заслужува името. Владиниот превез за наводна борба со „лажни вести“ сериозно треба секого да го загрижи. Во време кога Блескањето на Режимот е пуштено на најсилно, ова е многу опасна најава.

Не сакам да верувам дека власта полусвесно се стреми кон современ модел на Црвените Кмери во Камбоџа, чија посебна цел беа интелектуалците, оние кои знаеле странски јазици и носеле очила. Биле опасни, знаеле да читаат и да шират информации за идеи спротивни од црвенокмерските. Не владееја Црвените Кмери толку одамна, последниот процес против нив се водеше лани.

МИНИСТЕРОТ ЗА ВИСТИНА

Кому тоа денес во Македонија му пречат информации? Кому тоа денес му пречат прашања? Кому најмногу му пречи јавниот интерес? Кому му пречи размена на мислења? Кому тоа денес во Македонија му пречат колумни? Тоа се прашањата кои што во едно вистинско развиено демократско општество треба да се во прв план.

Не е тајна дека на високо ниво веќе се комуницира терминот Државна Мафија во Македонија. Таа Државна мафија е под сериозен удар преку медиумскиот простор. И во таков амбиент, власта директно најавува крајно сомнителен проект кој што води кон цензура. Индиректно, некои таму од далеку се залагаат за забрана на колумни.

Сега е време кога општеството и јавноста, сета демократска свест сериозно треба да се ангажира за да се стави крај на ваквите обиди. Ова не се само најави, обид за дефокус на власта. Тенденцијата е далеку видлива, тенденцијата со „кино-речник“ е режимот да не врати на филмските журнали за срдечните посети на Маршалот, на журналите за Успесите на СС Дивизиите на Третиот Рајх. Обидот е медиумите, со сето шаренило на модерната технологија, да ги прикаже успешните походи на црпнатиот во железни опинци! И ништо поинаку.

Не е зло една медиумска куќа да се води според сопствената уредувачка политика и согласно неа да се квалификува како провладина или проопозициска, со почитување на новинарските стандарди. Нивното газење е најголем ерес за секој кој што е во медиумската сфера. Но, тука станува збор за тоа дали власта се подготвува за нова тура казнување на медиуми и медиумски работници кои што наспроти волјата на власта ќе зафаќаат прашања од јавен интерес? Заев и како опозиционер имаше јавен напад кон медиуми набројувајќи ги како непријатели!

Неколку сериозни медиумски контранапади ја сменија сликата во земјата, борбата за декриминализација на клеветата, успехот да се намали бројот на тужени новинари во име на јавниот интерес, се оформи Совет за етика кон саморегулација. И во таа борба предничеа борци за слободата на перата, најстарото новинарско еснафско здружение ЗНМ возобновено од Роберт Поповски, Министерот за Вистина, па и семејството на заговорникот за укинување на колумните и колумнистите.

Па што се случи со нив? Го залуде ли власта поранешниот новинарски лидер, или скандалите во медиумите за Државната мафија го разоружаа до степен да посака цензура? Дали, пак, за пробниот балон за идејата за забрана на колумни влијаеле дополнителните средства од МНР за државното дописничко – пиарџиско семејство во Брисел?

Оттука, дали е тоа личен „бреиндреин“ излив на дописничката за државната МИА, особено што и таа и нејзиното пошироко семејство се вградени во новинарството и го знаат демократското значење и на критиките и на колумните, или пак е стратегија за наметнување на идејата во јавноста?

НЕОПХОДНОСТ ОД ЦЕНЗУРА?

За да се сфати намерата, не може да се изземе дека Македонија е пред избори. Дури и да се редовни, а нема да бидат, имајќи го предвид стодневното повлекување на премиерот и пржинскиот модел, Државната мафија пред себе има само неколку месеци за борба. А избори со вакви медиуми кои што ја делкаат Државната мафија не се добиваат. Надолниот тренд е незапирлив, мерлив е и предвидлив, а вестите само го забрзуваат.

Така, гарнитурата која што дојде на власт туркајќи се на портите на јавниот сервис со необјавени снимки од јавен интерес, сега повикува новинари на распит во полиција заради објавени снимки од јавен интерес! Од јавен интерес е зборувањето на генералниот секретар на владата Драги Рашковски за тоа кој ќе добие тендер.

За Државната мафија не помалку непријатен факт беше скандалот Рекет и падот на главниот медиумски поддржувач на владините политики. Газдата на новоотворениот раскошен медиум, милениче на гарнитурата на државната мафија е претставен како главен лик на Рекет; Главен, ама за јавноста. Зад Рекет има Октопод, а таа глава наскоро ќе се види. А тука е и ни повеќе ни помалку туку и Катица Јанева, Катица Институцијата.

И колку повеќе се отвора скандалот толку повеќе се замрсува удобноста на Државната мафија. А се уште не се целосно покриени ни скандалите што непрекинато ја тресат оваа власт, непотистичката Мрежа, Крвавите тендери на Филипче, Фондот за иновации, Поткупот во избори, Курто Дудуш се изживува врз човек, Пајакот и полицајката, Советничката листа, именувањето директори, Тендерите во здравството, Фондовите од Министерството за култура, бегството на Никола Груевски, лагите на Заев за меѓуетнички сензитивни случаи, Димитров со стипендиите, МВР со милион нерасчистени случаи и тендер за полагање возачки испити, Пензискиот фонд, Дупката од капитални инвестиции, Фирмите на Заеви, па на Анѓушев, Обидите за линч во „Шутка“, „Ако ги сменам министрите со кого ќе работам“, операцијата Скршена Метла, „Катица не ја давам, Катица е Институција“, па се до „Леонардо“, „Порошенко“, „Рекет“.

По најавата за цензура, пардон, борба со Лажни вести, вежби веќе се прават, како оној „дупли пас“ ЗабрчанецСарачини за скандалот со скандирањето на Мечкин Камен дека тоа не се случило и дека опозицијата монтирала лажна видео-вест. Ист е и обидот да се забошоти, демантира, да не се одговори на време, за информацијата дека имало наредба во СЈО да се форматираат компјутерите, што е директна можност за уништување докази. И пак медиум е виновен.

Повторно доаѓаме до колумните и колумнистите. Всушност, двете најголеми афери кои што ја тресат оваа гарнитура на Државната мафија произлегоа од колумни за „Леонардо“ и за „Рекет“ напишани и потпишани од еминентни пера на македонското новинарство кои што уживаат респект во јавноста и кај колегите. Како докажани релевантни извори не можеа да бидат отфрлени како „лажни вести од лажни извори“. Не случајно во овој зафат за цензура се гледа како да бидат вклучени и интернет порталите.

Токму истите две афери, истите два новинарски авторитети ги пласираа преку нивни интернет портали. И тука се случи најголемата дрскост од власта. Додека еден од овие двајца беше на распит во полиција заради објавен скандал и снимен разговор за „Леонардо“, Зоран Заев ги заштити псевдонимите Кики и Фрики, ликови од колумните за „Рекет“, барајќи новинарите сами да копале и да ги откриеле вистинските имиња! Какво лицемерие!

КАКО ВИСТИНСКИ ПРОТИВ ЛАЖНИ ВЕСТИ

Јас во едно интервју за МИА веќе зборував за лажните вести, посочувајќи ја токму власта за нејзин главен извор, па тука ги наведов примерите од славното „Добивме датум и никогаш повеќе нема да се навраќа ЕК за препораки“ до различно пренесените зборови на премиерот од видео-интервју за МИА. Примери има многу за тоа како државата пласира лажни вести.

Но, како новинар по образование и долгогодишен професионалец, морам да кажам дека медиумскиот информативен простор е длабоко загаден. А во тоа предничат, простете, но миленичиња на власта. Борба со лажни вести е потребна; но вистинска борба со вистински лажни вести. И како што налага професијата, на крајот од текстот треба да се понуди решение, експертско или туѓ релевантен пример. Јас се одлучив за второто.

Ова е составот на Европското тело за борба со лажните вести (HLEG), со 39 члена од цивилното општество (НВО, ама вистински невладини, не со половина влада во нив), од социјалните медиуми (Гугл, Твитер, Фејсбук), национални и интернационални информативни медиумски организации, претставници од големи интернет платформи, новинари, членови на европската федерација на новинари, академски професори.

Наспроти ваков модел на тело формирано лани за советување на ЕК, т.н. Акциска група на Државната мафија ќе вклучува претставници од кабинетите на Претседателот на државата, на премиерот, претставници од Собранието, кабинетот на „Министерството за вистина“, МВР, Одбрана, МНР, МИОА, па дури замислете и УБК и Агенцијата за разузнавање!? Некаде сретнавте новинар/медиум? Е па, УА ШНАЈДЕРИ!

И сите нив ќе ги координира Роберт Поповски, а од страна на кабинетот на Заев одговорен ќе биде советникот Марјан Забрчанец, оној истиот Забрчанец кој што нападна медиуми заради информацијата за скандирањето на Мечкин Камен, истиот Забрчанец кој попречуваше медиуми да снимаат и кому му ги спуштија камерите и апаратите на земја! Убавина! Навистина, УА ШНАЈДЕРИ!

И се додека Државната мафија наместо да го примени европскиот модел, нели, на патот кон ЕУ, ги поставува Поповски и Забрчанец со разузнавачи да прочистуваат вести, ќе викам УА ШНАЈДЕРИ. И треба сите да викаат УА ШНАЈДЕРИ!

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.