Река: Кандидатот од немнозинската етничка заедница треба автоматски да биде потпретседател на државата

by fokus

Специјалното обвинителство е еден од главните столбови за функционирање на правната држава во земјата. Ако и овој последен правен столб ни побегне, или ако и овој последен гарант на правната држава го изиграме со меѓупартиски, меѓулидерски договори, мислам ова ќе биде крај на владеење на законот, вели во интервјуто за МИА претседателскиот кандидат Блерим Река.

Според него Владата нема алиби за нови политички тргувања, а пред се, како што вели, сигурно не за статусот и иднината за Специјалното обвинителство.

„Не може државата да функционира врз основа на волјата на двајца лидери. Ние не можеме да градиме партиска држава. Или ќе градиме држава со владеење на законот, или нема да имаме држава. Затоа тоа што се прави со Специјалното обвинителство дефинитивно не е она што го очекувавме во 2015 година. Ние мислевме дека Специјалното обвинителство ќе ги затвори сите предмети опфатени со „бомбите“, и сите ќе бидат казнети како што тоа го предвидува законот. Ова веќе станува лакрдија, една политичка игра во која навистина не сакам да поверувам дека ќе заврши со фијаско на Специјалното обвинителство“, вели Река.

На прашањето дали се надевa на гласовите од Македонците, тој вели дека нема причина „зошто македонските граѓани, т.е. граѓаните од македонска етничка припадност“ да не гласаат за неговиот концепт.

За анкетата на СДСМ каде се прогнозира дека половина од етничките Албанци во првиот круг гласот ќе го дадат за Стево Пендаровски, а другата половина ќе гласа за Река, тој вели дека неговите анкети покажуваат нешто друго.

„Не знам од кои анкети ги црпите овие податоци, јас исто така имам една анкета според која 57 отсто од членовите на ДУИ ќе гласаат за мене. Значи овие анкети се релативни, статистички податоци и затоа јас сега не би бил заложник на статистиката. Времето ќе покаже кој за кого ќе гласа, и затоа не сакам хипотетички да прогнозирам каков ќе биде резултатот или кои гласови ќе ми припаднат мене“, додава кандидатот на Алијанса за Албанците и БЕСА.

Тој предлага во иднина претседателот да се бира со промена на Уставот, односно со двотретинско мнозинство во Собранието, или во спротивно, вели, треба да се подигнат компетенциите на претседателот.

„Првиот проблем е што ние со овој систем знаеме дека Албанецот тешко може да биде претседател со овој вид на систем на избор на претседател. Но исто така овој вид ни укажува дека и Македонецот не може да биде претседател без гласовите на Албанците. Или треба да се промени ова во некој вид воспоставување нова функција потпретседател на државата, во кој секогаш вториот кандидат кој е од немнозинската етничка заедница, би бил автоматски потпретседател на државата. Инаку, постои и таа опција, како што реков, да се избира во Собранието“, вели Река.

Поврзани новости