„Тврдокорните“ повикуваат на граѓанска непослушност и морално жигосување

by fokus

Здружението „Тврдокорни“ ги повика своите симпатизери на граѓанска непослушност и непризнавање на одлуките кои ги носат Собранието, Владата и судството. Овие органи, според нив, се нелегитимни и велат дека ќе пружат отпор во спроведување на секоја донесена одлука.

На овој начин „Тврдокорните“ ја започнуваат кампањта за граѓанска непослушност и морално жигосување, против, како што велат, партии, организации и поединци.

„Сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ. Посебно родените како Македонци кои ќе гласаат за законите како: Законот за јазиците со кој се воведува франкештајнска досега невидена двонационална држава. Договорот за добрососедство со Република Бугарија со кој македонската историја, а со тоа и македонската нација се третираат како бугарски. Планот 3-6-9 со кој се напаѓаат моралот и здравата духовна култура на македонскиот народ. И на крај договарањата за името со кој македонското име во меѓународните односи му се предаваат во сопственост на јужниот сосед. Сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани како изроди од македонскиот народ“, стои во нивното соопштение.

Додаваат дека сиите пратеници по име и презиме ќе бидат наведени и од моментот на гласање ќе го носат јудиниот белег.

Освен „Тврдокорни“, во оваа кампања учестуваат членовите на Македонски Обединети Сили, Движењето Преродба и Светски Македонски Конгрес.

 

Поврзани новости