„Тврдокорните“ ќе креваат побуна поротив Законот за јазици

by fokus

Здружението „Тврдокорни“ ги повикуваат граѓаните на бунт пред Собранието против Законот за јазиците, со кој, велат, се наметнува двојазична употреба покрај македонскиот и на албанскиот јазик на целата територија од Република Македонија. На протестот ќе побараат од парламентот да го отфрли разгледувањето на Закон за употреба на јазиците.

„Воведувањето на двојазичноста која во него е предвидена е неуставен и противправен чин кој ги погазува македонските историски права, унитарноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Ги става во нерамноправна положба помалите етнички заедници, го нарушува соживотот и наметнува надреденост на малцинството“, велат од здружението.

Додаваат дека протестот ќе биде мирен и непартиски. Предупредуваат дека доколку парламентот го донесе законот, ќе ги искористат сите расположливи демократски средства за да ја докажат неговата нелегитимност.

„Должност на секој Македонец е да ја брани македонската татковина од губењето на македонскиот карактер на државноста. Предложениот закон за двојазичност ќе има долготрајни и несогледливи последици врз карактерот и иднината на нашата татковина. Ги повикуваме сите Македонци масовно да се придружат на побуна пред „Собранието“ на Република Македонија на 13 Гроздобер (Септември) 2017 година од 18.30 до 20.00 часот“, порачуваат тврдокорните.

Протестот е организиран заедно со „Светскиот Македонски Конгрес“, „Македонски Манифест“, “Преродба”, “Македониум”, „ГИ Нѐ-ИМА“ и „Граѓанска иницијатива“.

Поврзани новости