Твоја партија е за свикување на Собранието и редовни избори во декември

by fokus

Додека двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат за изборниот датум и се натпреваруваат кој повеќе „се грижи“ за државата и граѓаните, условно кажано малите партии, кои не се дел од двете најголеми коалиции, остануваат на политичките маргини.

Професорката Мирјана Најчевска од Твоја партија која има поднесено кандидатски листи за изборите смета дека Собранието мора да продолжи да функционира, а изборите да се одржат во редовниот термин во декември.

-Твоја партија од почеток беше против распуштање на Собранието и за одржување на редовни избори. Твоја партија посебно се спротистави на формирање техничка/пржинска влада која дури и во 2016 година (кога се појави како нужност) не ги исполни очекувањата. Во моментов се уште го имаме тој став. Овој период требаше да биде искористен за прочистување на избирачките списоци и за промени во Изборниот законик со кои Македонија ќе стане една изборна единица и евентуално ќе бидат промовирани отворени изборни листи, вели Најчевска.
Таа додава дека одржувањето на избори во услови кога се уште има голем број заразени и се умира од Корона вирусот, односно, непосредно по излегување од долготрајна вонредна состојба и полициски час, не овозможува граѓаните да се концентрираат на програмските приоритети на партиите.
-Перспективите се многу поинакви кога луѓето се уплашени за својот живот, кога постои посебно нетрпение заради различниот однос кон мерките кои се спроведуваат и посебно е јак психолошкиот момент на долготрајна затвореност и своевидна изолација. Заради ова Твоја партија во принцип е против брзи избори и се уште сме на став дека Собранието мора да продолжи да функционира, смета Најчевска.
Доколку сепак изборите бидат закажани порано од редовните избори, Твоја партија активно ќе учествува.
К.С.

 

Поврзани новости