Туристичките компании лути, оваа година Британците без летен одмор

by Fokus

Владата ги предупреди Британците да не планираат летен одмор оваа година, без разлика дали е во Велика Британија или во странство, предизвикувајќи лута реакција кај туристичката индустрија, која предупредува дека многу компании во овој сектор би можеле да пропаднат.

АБТА, трговското здружение на Велика Британија за оператори за одмор и туристички агенти, дојде откако Грант Шапс, секретар за транспорт, јавно кажа дека е рано за укинувањете на социјалното растојание или патните ограничувања наметнати поради „Ковид-19“.

-Нема да резервирам летен одмор во овој момент. Да речеме така. Само што почнавме да гледаме израмнување на таа трагична крива, која ги покажува смртните случаи секој ден, но, сè уште не ги забележуваме падовите , изјави Шапс за Би-Би-Си на прашањето дали луѓето треба да размислат за резервација на одмор во наредните месеци.

АБТА, која предупреди за масовен пад на профитот на туристичките компании поради пандемијата на коронавирус, го осуди советот на Шапс.

-Тоа беше непромислен коментар и не се базираше на никакви факти за она што денес го знаеме за иднината на пандемијата, но покажува целосно непочитување на британската туристичка индустрија, стотиците илјади луѓе што ги вработува и борбата со која се соочува оваа сегашна криза , се вели во соопштението.

Тие порачаа дека владата треба да се фокусира на преземање на неопходните чекори за поддршка на секторот, а не да ја поткопа довербата.

Запрашан за заканата за секторот, Шапс  за Би-Би-Си рече дека не може да им понуди на туристичките фирми понатамошни насоки за тоа кога ограничувањата би можеле да се променат, бидејќи тоа е прашање за научен совет. Влијанието на пандемијата ќе преобличи во многу индустрии, вклучувајќи патувања и туризам, предвидува тој.

Сепак, Шапс доби очигледна поддршка од Даунинг стрит, при што портпаролот на Борис Џонсон порача дека патувањето во Велика Британија за празници сè уште не е дозволено, додека Министерството за надворешни работи предупреди да нема патувања освен ако се неопходни.

АБТА ја повика владата да ги измени правилата за туристичките агенции, со што би можеле на граѓаните чии патувања се откажани заради коронавирус да им даваат кредитни белешки, барем на краток рок, наместо враќање на готовина. Според правилата на ЕУ, тие мора да понудат поврат на парите во рок од 14 дена.

Организацијата предупреди дека без измените, илјадници работни места би можеле да бидат изгубени додека пропаѓаат патничките компании.

 

 

Поврзани новости