Турбофолкерките, чести гостинки во кабинетите на нашите градоначалници: По Северина, ќе биде ли и Цеца угостена кај Бочварски?

by fokus

Штипскиот градоначалник Благој Бочварски, минатата година ја дочека во својот кабинет музичката ѕвезда Северина и ја угости со банани, јаболки и портокали, при што се пофали и со заедничките фотографии во јавност, додека годинава во неговиот кабинет ќе седне балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ.

Таа е најавена како главна музичка ѕвезда на општинската манифестација „Пастрмајлијада 2019”, која ќе се одржува од 20-ти до 22-ри септември, на старата локација Дујле, а градоначалникот најверојатно ќе ја искористи шансата како со Северина, така да се подружи и со Цеца.

На настанот ќе има околу 30 штандови на штипски угостители каде ќе се служи пастрмајлија, а покрај Цеца во текот на трите денови настапат и многу други музичари, како Викторија Лоба, Антониа Гиговска, Данијела Мартиновиќ, Нокаут и Игор Џамбазов и други.

Пред само четири години, Цеца исто така беше главната музичка ѕвезда на Пастрмајлијадата во Штип. Годинава првично се шпекулираше дека ќе настапува Жељко Јоксимовиќ, но на крај изборот повторно паднал на Ражнатовиќ. За време на нејзиниот настап во 2015 година се случи несреќа, кога пукнаа две бетонски плочи со кои беше покриен каналот за канализацијата, при што десеттина лица беа полесно повредени, а три од нив поради посериозни повреди завршија во болница. Во тој период градоначалник на Штип беше Илчо Захариев.

И тој не ја пропушти пригодата да оствари средба со гостинката и и направи свечен прием. Чест обичај на повеќето градоначалници е да ги примат музичките гостинки од соседните земји, кои настапуваат на општински манифестации, во своите кабинети, а потоа и да се пофалат со фотографиите. Па така, Цеца, Брена, Северина и голем број на турбо фолк пејачки ја имале честа да влезат во градоначалничките кабинети и да бидат угостени. Кога станува збор за пејачите – гости, тие поретко влегуваат во кабинетите и мал е бројот на нивни фотографии од кабинетите на нашите градоначалници.

Лани, по настапот на Северина во Штип, од општината ни изјавија дека цела колона автомобили чекала ред за влез во градот и како им се случила инвазија од народ. На прашањето колку изнесуваше нејзиниот хонорар, организаторот на манифестацијата, Кирил Панајотов ни изјави дека не е во негов домен да коментира на темата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости