Тупурковски: Патриоти се само оние кои го подобруваат нашиот живот, а предавници не се оние што мислат поинаку

by fokus

Договорот за името треба да го прифатиме како единствено реално решение. На референдумот на 30 септември нема да водиме партиски борби, туку ќе се бориме за нашето единство. Тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме, изјави за МИА професорот по меѓународно право, основач и претседател на поранешната партија Демократска алтернатив и актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски.

– Пред 27 години имавме сосема прифатлив предлог за решавање на проблемите во македонско – грчките односи. Шансата не ја искористивме. Сега Македонија и Грција создадоа заемно прифатливо решение. Да бидеме реални, ова решение е полошо, но после 27 години е единствено реално и евентуално подоброто нема да биде пронајдено после нови децении на трагање заедно со нови жртвувани генерации. Значи треба да го прифатиме договорот помеѓу двете земји, посочува Тупурковски.

Изнесувајќи го својот став за референдумот и Договорот од Преспа укажува и на важноста од почитување на поддршката што меѓународната заедница ја дава за Договорот во контекст на неговото значење за двете засегнати земји и за геострашките интереси.

– Во овој договор е вклучена и меѓународната заедница за чии вредности е определено големото мнозинство на македонскиот народ и останатите граѓани на Република Македонија. Решението што го поддржува меѓународната заедница покрај за македонско – грчките интереси, води сметка како за геополитичките регионални интереси, така и за геостратешките. Сите фактори во Македонија треба ова да го почитуваат и да го прифатат како сосема реално со што ќе дадеме и свој придонес кон стабилноста и мирот, посочува Тупурковски.

За жал, според него, подолго време постојат политички фактори кои трагично го делат нашиот народ, но, вели, најголемата придобивка од референдумот треба да биде постигнувањето единство.

– Иако и во овој момент на референдумско одлучување не се дозволува да се приближиме, не можеме како општество, семејства и граѓани да не се зближуваме. Патриоти се само оние кои го подобруваат нашиот живот. А предавници не се оние што мислат поинаку. На 30 септември нема да водиме партиски борби. Всушност, ќе се бориме за нашето единство. Тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме, вели Васил Тупурковски.

Поврзани новости