Тунтев разочаран од ВМРО-ДПМНЕ: Поразително е што таква голема партија бара изговор да се врати во Собрание

by fokus

Координаторот на владејачката СДСМ Томислав Тунтев рече дека е поразително за една голема политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ да бара изговор како што е интерпелацијата и да најде погрешен начин за да се врати во работата на Собранието.

– Ако ова е големата врата за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, тогаш навистина сме малку разочарани. Барањето е сосема легитимно и всушност нам ни отвора простор да ги реафирмираме сите позитивни политики на оваа Влада во последните 10 месеци, рече Тунтев.

Според него, пратениците од владејачките партии на утрешната седница ќе ја потсетат опозицијата на, како што кажа, криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во последните 10 години, зошто оваа држава се наоѓа на ова дереџе, а исто така ќе потсетат дека во овие 10 месеци Владата на Република Македонија ги презела сите активности за да ги отстрани и ублажи погубните политики што години наназад ги воделе поранешните влади.

Претседателот на Собранието Талат Џафери седницата за доверба на Владата на барање на ВМРО-ДПМНЕ претпладнево ја закажа за утре во 11 часот. Сите активности во Парламентот денеска се одложени. Дел од седниците се префрлени за во четврток, тоа се главно со реформски закони, а другите активности делумно поради исказот што во Судот го дава Џафери во врска со настаните поврзани со насилствата од 27 април минатата година.

Поврзани новости