Тунтев: Новиот предлог за гувернер од Иванов ја заслужува нашата поддршка

by fokus

Новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за жена гувернерка на Народната банка на Република Македонија што доаѓа од редот на професионалци – експерти, сметам дека ја заслужува нашата поддршка, изјави за МИА координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Анита Ангеловска – Бежоска, актуелен вицегувернер во НБРМ, е новиот предлог на Иванов за гувернер, откако денеска Димитар Богов се повлече од кандидатурата.

Тунтев потсети дека минатото лето пратеничката група предводена од СДСМ го искажала својот афирмативен став и ја дала својата поддршка за Ангеловска – Бежоска, кога го поддржале и гласале нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернер на НБРМ.

– Имајќи го предвид нејзиното импозантно CV, нејзиното богато искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврда на претстојната координативна средба на пратеничката група на почетокот на наредната сеница, вели Тунтев.

Во изминатите неколку недели, додаде, се надевавме дека ќе се изнајде решение меѓу претседателот Иванов кој го има правото да предлага гувернер на НБРМ и Парламентот кој го избира гувернерот со мнозинство гласови од пратениците.

Поврзани новости