Тунтев: Над 2,5 милиони патници годишно поминале низ македонските аеродроми

by fokus

Либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одговори на нивните барања во рамки на позитивните законски прописи.  АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас, вели во интервју за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Во осврт за постигнувањата во авиосообраќајот во годината што изминува потенцира дека бројката на патници на македонските аеродроми надмина 2,5 милиони, просечно секој месец се реализираат по 15.000 летови над македонското небо, додадени се нови 10 дестинации за патување од аеродромите во Скопје и во Охрид, карго превозот бележи раст од 30 проценти…

-Во годинава што изминува авиосообраќајот кај нас достигна рекордно ниво на развој. Просечно секој месец на македонското небо се реализираат по 15 илјади летови, а во врвните периоди на сообраќајно оптоварување бројот на прелети во текот на еден ден надминува 1.000 операции. На двата македонски меѓународни аеродроми се прифаќаат и испраќаат повеќе од 2,5 милиони патници годишно, а овој број секојдневно расте. На скопскиот аеродром во текот на годинава оперираа 15 воздушни превозници, поврзувајќи го со 42 атрактивни дестинации, додека на охридскиот аеродром авионите од 13 воздушни превозници летаа на 20 европски дестинации.

Со континуитет во политиката за субвенционирање на летовите на нискобуџетните превозници и воведување нови дестинации, бројот на превезени патници и реализирани полетувања и слетувања на авиони порасна енормно. Изразено во проценти, таквото зголемување има двоцифрени вредности – на скопскиот аеродром се движи околу 10 проценти, додека на охридскиот аеродром ја надминува бројката од 60 проценти. Слична е состојбата и со превозот на карго, каде што годишниот пораст е поголем од 30 проценти. Само во последната година во редот на летање на двата аеродрома се воведени 10 нови дестинации.

Сето ова создава неопходна потреба од развој, реализација и имплементација на нови проекти и активности, кои ќе овозможат целосно интегрирање на македонскиот воздухопловен транспортен систем во европската воздухопловна транспортна мрежа. Улогата и задачата на АЦВ е да обезбеди услови и можности за таквиот развој. Македонскиот воздухопловен транспортен систем треба да биде рамноправен и респектибилен партнер во семејството на современите европски и светски субјекти во воздухопловната индустрија. Нема здрав и забрзан економски развој без оперативен, ефикасен, безбеден и одржлив воздушен сообраќај и транспорт.

АЦВ и во наредната година ќе се грижи воздушниот сообраќај да овозможи зголемен број превезени патници и карго на македонските аеродроми, побројни прелети на авиони во македонскиот воздушен простор, поврзување со уште поголем број европски и светски дестинации, зајакнување на заштитата на патничките права, интензивирање на спортско-рекреативните воздухопловни активности, поголема заштита на животната средина и повисоко ниво на безбедност на воздушниот сообраќај на македонското небо, вели Тунтев за МИА.

Поврзани новости