Туфегџиќ сепак нема да суди за “крвавиот четврток”, на негово место Дијана Груевска-Илиевска

by fokus

Судијата Владимир Туфегџиќ сепак нема да биде втор судија во судечкиот совет кој ќе ги суди обвинетите за организирање на „крвавиот четврток“.

Од Обвинителството до Кривичен суд стигнало известување дека неговата ќерка, пратеничката Ивана Туфегџиќ давала исказ како оштетена за упадот во Собранието и поради тоа Туфегџиќ не може да биде втор судија.

На негово место е судијката Дијана Груевска Илиевска од одделот за кривично полнолетни, која е избрана согласно распоредот во Судот, нејзиното искуство и тоа што судела во организиран криминал.

Претседател  на судечкиот совет е судијата Илија Трпков, кој неодамна беше префрлен од Одделот за кривично полнолетни во организиран криминал, на местото на судијката Џанета Бегтовиќ.

Туфегџиќ во јануари беше избран за судија согласно АКМИС системот и веднаш побара изземање поради неговата ќерка која беше дел од парламентарниот состав кога се случи упадот во Собранието. Неговото барање не беше прифатено, бидејќи Судот немал информации дека неговата ќерка била сведок или оштетена во постапката, се додека Обвинителството не испратило известување дека  давала исказ како оштетена, па Џолев го прифатил неговото второ барање за изземање.

Почетокот на судењето е закажан за на 21 февруари, а на обвинителна клупа треба да седнат поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, а постапката за поранешниот премиер, Никола Груевски и за разузнавачот Никола Бошкоски е запрена, се до нивно пронаоѓање.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости