Цветанка Ласкова ќе го лиценцира Здружението на естрадни уметници: Плаќаат членарина од 1.500 денари само кога треба да добијат виза!

by fokus

Цветанка Ласкова, советничка за култура во кабинетот на премиерот Зоран Заев и поранешна естрадна уметничка, ќе го спасува Здружението на естрадни уметници на Македонија, кое веќе подолг период било во доста лоша состојба, бидејќи музичарите од земјава не плаќале членарина.

Годишната членарина изнесувала 1.500 денари, и единствено ја плаќале музичарите пред да одат на турнеја во странство, бидејќи за да добијат виза им била потребна членска книшка и сертификат. Редовна практика, да си го платат членството без при тоа да имаат конкретна корист, нашите музичари немале, па поради тоа здружението било донесено до една доста незавидна состојба. Претседателот на истото, фолк пејачот Благоја Грујовски, вели дека нештата мора да се променат, и како сите естрадни уметници во земјава треба конечно да се заложат за себе.

Тој деновиве разговарал со Ласкова и побарал од неа да се регулира статусот на браншата, и да се заштити со закон, односно да се лиценцира. Додава дека таа, која и самата во минатото била дел од естрадата и член на здружението ја поддржала неговата идеја и ветила дека во најкраток рок ќе бидат превземени сите потребни чекори, за да конечно нашите естрадни уметници добијат еден вид на заштита од државата, и дека статусот на браншата ќе се регулира со закон.

-Здружението на естрадни уметници на Македонија е помеѓу најстарите асоцијации на музичари и други сценски уметници, и без сомнение е најуспешно и најреномирано. Формирано е во 1969/1970 година, од тогашни истакнати изведувачи и во него членуваа и работеа сите што значеа нешто во македонската популарна музика. Тоа некогаш имаше улога и на концертна дирекција, естрадна агенција и неизбежно свратилиште на луѓето од браншата. Речиси сите позначајни музички ангажмани во Македонија и тогашна Југославија се добиваа тука. Многумина остваруваа и работен стаж преку естрадата. Во годините по осамостојувањето естрадната дејност падна во сенка на други поважни теми, и таа бранша до денес остана на маргините на општеството, нерегулирана и незаштитена, длабоко во сивата зона – раскажува Грујовски.

Тој додава дека здружението, односно истакнати музичари во минатото успеале да купат свои простории, каде и денес е сместено нивното седиште. Станувало збор за простории со површина од околу 80 метри квадратни, но дел од нив биле изнајмени под кирија, бидејќи со наемнината тие ги подмирувале сметките на здружението. Финансиската состојба била лоша, најмногу поради тоа што естрадните уметници не плаќале членарина. Во минатото истата изнесувала 3.000 денари.

-Здружението има свои простории купени од трудот на поранешните членови, но последните две децении егзистира со многу потешкотии. Членството и интересот на уметниците за својот дом драстично се намали. Приходите се речиси нула! Во здружението имаме вработено секретарка, која добива редовни месечни примања, а сите останати, кои сме дел од претседателството, работиме волонтерски. Секретарката е пред пензија, и таа е единствена останата од некогашните четворица вработени. Имаме долгови кои не се многу големи, и лесно ќе се покријат, доколку естрадните уметници се обединат во својата заедничка куќа. Деновиве и на социјалните мрежи апелирав до сите музичари кај нас, да си ја платат членарината. Станува збор за симболична сума, која со оглед на тоа што земјава има сигурно неколку стотици, ако не и илјада естрадни уметници, доколку се плаќа редовно, би допринела здружението да функционира без проблем – тврди музичарот.

Вели дека во разговорот со Ласкова, едногласно се согласиле како браншата треба да добие статус регулиран со закон, дека треба да се лиценцира, и како што во развиените земји постојат институции задолжени за издавање на лиценци на музичарите за нивни концерти и настапи, истото треба да се практикува и кај нас.

-Разговорот со Цветанка Ласкова ми даде надеж дека конечно нештата ќе тргнат по нагорна линија. Благодарен сум што таа покажа разбирање и веќе остваривме неколку средби. Треба да се стави ред кога е естрадата во прашање. Мора да се знае кој организира настапи, концерти, турнеји… Работењето на црно на естрадните уметници мора да запре и ние самите треба да се заштитиме. Зад нас треба да стои една силна институција, со регулиран статус, бидејќи доста ни е од понижувања. Самите треба да се сплотиме. Редовното плаќање на членарината и регулирање на статусот на здружението ќе помогне многу, да оваа институција, во која во минатото членувале најголемите музички великани од земјава, повторно го врати својот сјај. Не сакам колегите да го сфатат ова како критика, јас никого не критикувам, туку апелирам да се обединиме во една наша матична куќа, и да ја заштитиме нашата дејност, како што е практика речиси во целиот свет – изјави Грујовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости