Црвенковски беше инспириран од Барак Обама за активностите на Фејсбук, им се враќа ли повторно на социјалните мрежи?

by fokus

Страница на социјалната мрежа со името на Бранко Црвенковски и со негови фотографии која се појави деновиве, дополнително ги разгори актуелните претпоставки дека тој се враќа на политичката сцена. Но, дали зад интернет страницата навистина стои Црвенковски или пак администратор назначен од негова страна, се уште нема официјална потврда.

Кога е Фејсбук во прашање, поранешниот претседател беше помеѓу првите политичари кој ги искористи придобивките од него, уште во 2010 година, и помеѓу првите имаше своја страница, каде ги споделуваше своите достигнувања, промовираше партиска програма, и на некој начин воспостави нов тренд во политичката пропаганда.

СДСМ, тогаш на чело со Црвенковски, за прв пат во земјава воведе новитет, односно стратегија за комуникација според тогашниот претседател на САД, Барак Обама, и стартуваше со рубриката ,,Видео чат”.

Како потсетување, во април 2010 година, секој граѓанин можеше да постави прашање до СДСМ преку официјалната Фејсбук страница, а на прашањата одговараше Црвенковски.

Видеото со неговите одговори беше објавено на почетокот на месец мај истата година.
Тогаш од партијата информираа дека целта им е ,,Видео чат” да прерасне во редовна месечна рубрика, каде освен Црвенковски, и други членови од раководството на СДСМ преку видео формат ќе одговараат на прашањата на граѓаните.

Во тој период, социјалната мрежа Фејсбук првенствено беше популарна кај помладите генерации и имаше околу 900 илјади профили во Македонија.

Само по неколку месеци, во август 2010 година, СДСМ излезе со вест дека прославуваат мал јубилеј, бидејќи профилот на Црвенковски достигнал 25.000 следбеници. Неколку часа потоа, и ВМРО ДПМНЕ го објави линкот на профилот на Никола Груевски, кој бил креиран една година порано.

Сепак, ако пред повеќе од една деценија, кога комуникациите на политичарите преку интернет беа нов тренд, Бранко Црвенковски помеѓу првите го искористи Фејсбук за свое презентирање по теркот на Барак Обама, тој со години наназад не е активен на социјалната мрежа. Профили со неговото име и презиме има околу 30, на некои се објавуваат негови фотографии, најчесто стари повеќе години, но објавите претежно се од негови поддржувачи, а не и од корисниците на профилите.

Информација дека некој од корисниците бил пријавен од страна на поранешниот претседател, поради отворање на лажен профил и лажно претставување, барем засега нема. И по повод новата Фејсбук страница која денес се најде во центарот на вниманието на јавноста, од неговиот кабинет се немаат изјаснето дали е автентична, или пак станува збор за уште една, од низата на лажни страници, односно профили со негово име.

Вики Клинчарова

Поврзани новости