Црвенковска: Зошто кредитот на сопругот се објавува сега кога ме избраа за претседател на Судски совет?

by fokus

Новоизбраната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска по обвинувањата од здружението на оштетени штедачи, тврди дека ниту нејзиниот сопруг,ниту ќерка и не учествувале во некаков криминал. Таа прашува зошто кредитот на сопругот се објавува сега, а случајот со банката е стар една година.

-Во очекување дека ќе престанат неоснованите напади и обвинувања на моја и на адреса на моето семејство ве информирам за следново-  Екопласт Рисајклинг во 2014 година влезе во инвестиција во фабрика за рециклажа на пластика.  За таа цел од страна на Еуростандард банка и беа одобрени неколку кредити за реализација на инвестицијата и за тековно работење. Во периодот од 2014 до 2018 година фирмата работеше активно, во неа беа вработени 50-тина работници кои остваруваа извоз на пазарот во Италија и Турција и остваруваше приходи во милионски износи и затоа Екопласт редовно ги плаќаше достасаните обврски кон сите, вклучувајќи ги и тие кон банката.

Поради објективни причини, односно поради сериозно нарушени услови на пазарот во светски рамки, а особено во Европа, во 2018 година беше неопходно да се запре производството и да се отпуштат сите вработени. Во такви услови ликвидноста на фирмата не овозможуваше понатамошно сервисирање на обврските кон банката .  Уште веднаш фирмата започна со барање на стратешки партнер за рестартирање на производството, но до затворање на банката не се постигна договор со заинтересираните партнери. Банката била веднаш известена дека фирмата се затвора и дека по склучување на договор со стратешки партнер обврските во целост ќе бидат реализирани.

Средствата кои се земени од Еуростандард се користени исклучиво наменски, сите кредити се издадени согласно законските прописи и ниту еден денар не завршил во приватни џебови ниту на луѓе во државата, а уште помалку надвор од државата.

Што се однесува до мојата ќерка, таа е вработена во банката уште од 2011 година како правник во Секретаријатот на банката. Во декември 2019 година, кога банката веќе имаше забрана за кредитирање од Народната банка, беше прераспоредена во Секторот за работа со правни лица.

Од ова произлегува дека ниту мојот сопруг, ниту мојата ќерка не учествувале во некаков криминал со банката и дека не правеле никакви малверзации со кредити. Што се однесува до прашањето за постоење некаков конфликт на интереси ќе кажам дека Судскиот совет одлучува со мнозинство гласови, а мојот глас како претседател е ист како и на другите во Советот.  До сега, кога се одлучувало во врска со предмет поврзан со банката јас секогаш сум се изземала од гласање. Впрчем остојат записници од кои може ова да се потврди. Гарантирам дека и во иднина ќе постапувам идентично.

На крајот, само ќе прашам, случајот со Еуростандард ќе наполни една година, зошто кредитот на мојот сопруг случајно се појавува во јавноста  деновите кога мене ме избираат за претседател на судот. Затоа сметам дека некои поединци и некои кругови очигледно им смета мојот избор, па наоѓаат секаков начин за дискредитација. Но, тоа мене нема да ме премисли во она што го имам зацртано за работа – да создадеме ефикасен судските систем со професионални судии, судии кои нема да се плашат и кои сами ќе одлучуваат согласно закон и согласно нивниот интегритет, се вели во реакцијата на Црвенковска.

Поврзани новости