Вечерва во Базел ќе се одржи второто полуфинале на музичкиот натпревар Евровизија. Ќе настапат 16 земји, помеѓу кои и Црна Гора со својата претставничка Нина Жижиќ со песната „Добродошли“ зад чиј аранжман и продукција стои нашиот композитор и продуцент Дарко Димитров.
Но, според резултатите од светските обложувалници, објавени на страницата на Eurovisionworld, песната на Нина е на претпоследно место. Зад неа единствено е песната на Грузија.
На прво место според обложувалниците е Шведска, потоа Австрија, Холандија, Франција…
Димитров долги години наназад е дел од Евровизија. Во минатото работеше на евровизиски песни за Србија и Албанија, а заедно со Роберт Билбилов и Лазар Цветкоски е еден од тројцата композитори што ја направија песната „Proud“ за Тамара Тодевска.
Исто така, беше продуцент и на евровизиската „Нинанајна“ на Елена Ристеска.
Беше продуцент и на „Lost and found“ со која не претставија „Ај Кју”, а беше дел и од авторскиот тим на „To the sky“ на Тијана и „Пред да се раздени“ на Есма и Лозано.
Според ЕБУ, еден композитор може да учествува со повеќе нумери, а може да оди на настанот како дел од авторскиот тим на онаа држава за која самиот ќе одлучи.
Македонија трета година по ред не учествува на настанот, но ќе врши директен пренос на МТВ и на Македонското радио, вечерва од 21 часот.
Ќе го пренесува и големото финале кое ќе се одржи на 17-ти мај.
Вики Клинчарова