Плодовите што ги обраа зацрнетиве фактори не им беа баш горчливи. Тачи и Бошкоски се дел од владејачката коалиција, а и за Груевски и Мијалков не настапија црни денови. И кога ќе се објават новите фаци на црната листа, ќе чешаме јазици извесно време… Освен ако не е некој ептен на врвот
Пишува: Јадранка КОСТОВА
Борбата против корупцијата е наша „евергрин“ тема. Таа е ѓоа приоритет во сите партиски програми, ама константа се и критиките во сите извештаи од Брисел и од Вашингтон. Или, што повеќе властите се силат против ова зло, толку повеќе тоа прогресира, нараснува ко квасец да му додале. И така веќе три децении. Само се плашам, и во наредните децении да не биде – „како досега“!
Интересно, по енергичноста со која американската амбасадорка Ангела Агелер ја апострофираше борбата против корупцијата како заеднички приоритет, дузина владини фаци ко попчиња изразија согласност со неа. Смирено ја примија и веста за американскиот тим што нѐ посети, а со најава за воведување санкции против корумпираните политичари.
Дополнителен шмек дадоа прогнозите, а таква искажа и претседателот Стево Пендаровски, дека на т.н. црна листа можно е да се најдат и актуелни функционери. Но, на „црниот пазар“ за американската листа најмногу се типува дека ќе се зацрнат еден близок роднина на поранешен висок функционер и еден бизнисмен.
Но, што ќе значи тоа за ваквите „црни“ фаци? Особено што во една пригода, заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека досегашните санкции кон корумпираните политичари родиле плод. Па, ај да се потсетиме какви плодови обраа нашите зацрнети политичари?
Да појасниме прво дека извршните наредби за замрзнување имот и забрана за влез во САД, што ги потпишува американскиот претседател, се однесуваат на лица што се закана за безбедноста и мирот, оние што ја попречуваат имплементацијата на договори од калибарот на Преспанскиот или Охридскиот. Но, и лица што директно или индиректно се вклучени во корупција.
Боите на Северна Македонија, на црната листа ги бранат, сега за сега, Љубе Бошкоски, Мендух Тачи, Џевад Адеми и уште неколкумина Албанци, веќе со години, а од лани се појача тимот со Никола Груевски и со Сашо Мијалков.
Иако веќе зацрнети, тоа не им беше пречка на лидерот на ДПА и пратеник, Тачи да биде дел од владината коалиција, исто како и првиот човек на ОМ, Бошкоски да биде избран за советник за странски инвестиции. Единствено курбан отиде екс командантот на ОНА, Џазаир Шаќири Хоџа, кој не стана советник на премиерот Заев откако американската амбасада изрази загриженост од „црните“ кадровски политики.
Интересно е што тогаш од амбасадата појаснија дека тоа „сепак не е ненадминлива пречка за работните односи меѓу амбасадата и владата и на претставниците на амбасадата не им се забранува да имаат работа со лица што се на листата“. Што во превод му доаѓа дека имаат проблем сал ако имаат имот или долари во САД.
Па, дојдоа ли црни денови за Груевски откако Вашингтон го зацрни? Не, тој слободно си живее и работи во држава-членка на ЕУ. Башка и рејтингот му нарасна, па Ковачевски и Мицкоски му се зад грб. Мијалков стана турист во струшкиот затвор, дузина судски предмети има шанси да застарат, а и не е во оскудација за живеачка.
Сѐ на сѐ, плодовите што ги обраа зацрнетиве фактори не беа баш горчливи. И кога ќе се објават новите фаци на црната листа, ќе чешаме јазици извесно време, а тешко е да се поверува дека тоа ќе биде политички земјотрес. Освен ако не е некој ептен на врвот. Но, тие од врхушката се ептен кооперативни во безбедносните проекти.
Од друга страна, не ми е јасно каква опасност по безбедноста се Тачи и Бошкоски? Или, кога еднаш ќе влезеш на листата, остануваш таму за век и веков?! Ќе имаше поинаков уметнички впечаток и техничка вредност доколку Груевски и братучедот ги зацрнеа кога дрмаа во државата, а не кога се под кривичен прогон.
Да, администрацијата на Џо Бајден ја прогласи борбата против корупцијата клучна за националната безбедност на САД, но се чини дека стабилноста и безбедноста секогаш им се пред демократијата. Груевски ќе владееше уште доколку стокмеше дил со Грците. Да, преговараа, ветуваше, добиваше и финансиска поддршка кога во извештаите се редеа политички затвореници, заробена држава и такви ми ти работи. Но, стравот од народот му ги закочи шемите.
Патем, и Брисел и Вашингтон се бајаги инволвирани во или по крвавиот распад на бившата ЈУ федерација. За многумина позитивно, но сепак и по три децении, Западен Балкан е проблематичен регион од безбедносен агол. А и Милорад Додик, и по неколку години откако осамна на црната американска листа, и натаму е фактор во Република Српска. Зашто, изгледа, е на белата руска листа.