Црна кампања во скопско Маџари, хаос во изборната комисија во Кичево

by fokus 19:36
19:36

За агитирање на денот на изборниот молк, притисоци, партиски знамиња, црна кампања, информира денеска „Цивил“ и ги повикува гласачите да пријавуваат секакви притисоци и при утрешното гласање.

„Вработени во една скопска општина организирано се јавуваат кај гласачите и вршат агитација и притисок. Истото го нотира и набљудувачот од с. Матејче, општина Липково, кој јавува за кршење на изборниот молк од страна на две политички партии во ова село. Во текот на изборниот молк, во населбата Маџари, скопско, се појавил печатен материјал со црна кампања против опозициски лидер во кој пишува дека тој ќе ја кантонизира Македонија“, пишува во соопштението на „Цивил“.

- Advertisements -

Од невладината додаваат дека во една општина, директорот на училиштето му забранил на еден вработен, тој и целото негово семејство, да се појави на гласање утре. Според ова сведоштво, тој „не бил сигурен гласач“, а на расправијата меѓу директорот и вработениот, присуствувале и други вработени во институцијата.

Според „Цивил“, во село Подареш, општина Радовиш, во тек е изградба на пат, што претставува кршење на изборниот молк. Иста ситуација е нотирана и во село Миравци, општина Гевгелија. Во Ново Лисиче пак, осамнале партиски знамиња на бандерите во екот на изборниот молк.

Од „Цивил“ повторно ги повикува сите актери во изборниот процес да престанат со притисоци врз гласачите, а граѓаните да пријавуваат нерегуларности, притисоци и поткуп.

Набљудувачте на „Цивил“ регистрирале и нерегуларности во Кичево каде што во Општинската изборна комисија владее хаос при што на некои членови на Избирачките одбори не им е дозволен пристап до просториите каде што се средува изборниот материјал, не се знае кои болни и изнемоштени ќе гласаат, а постојат и индиции дека се гласа во име на друг.

Поврзани новости