ЦРМ предупредува за нов удар врз слободата на медиумите

by Фокус

Удар врз слободата на информирањето и слободата на медиумите се измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложени од страна на Владата по скратена постапка, реагираше денеска Центарот за развој на медиуми.

„Владата, со овие трети законски измени за само осум месеци, сака на радиодифузерите да им го ограничи правото на опомена пред да биде поведена прекршочна постапка за непочитување на одредбите кои се однесуваат на производството и емитувањето домашна документарна и играна програма. Според предложените измени, Владата ќе го има последниот збор во определувањето на максималниот износ за исплата на надоместокот на радиодифузерите за создавање домашна документарна и играна програма. Таа наметнува паушални критериуми според кои ќе се оценува дали радиодифузерите имаат право на надоместок на трошоците во висина од 50 отсто, а во иднина, преку подзаконски акт, ќе може да ги доразработува критериумите, и со тоа директно да влијае врз приватните радиодифузери и јавниот радиодифузен сервис“, се вели во реакцијата на центарот.

Според ЦРМ, прашањето колку и каква документарна и играна програма радиодифузерите ќе емитуваат, е прашање на нивната независна уредувачка политика, а не на форматот во кој емитуваат.

Едновремено, ЦРМ апелера, Владата да престане со континуирано предлагање промени на медиумските закони, преку кои акумулирајќи суштински овластувања за себе, во континуитет ги намалува и онака кревките медиумски слободи во Македонија.

Поврзани новости