Цивил: Во Ѓорче Петров гласале починати лица

by lali 11:37
11:37

На избирачко место во Ѓорче Петров уште рано утрово било забележано дека две починати лица биле заведени дека „гласале“, соопштија од невладината организација „Цивил“ која има 75 регистрирани набљудувачи низ целата држава.

Голем број неправилности, агитации, и притисоци до 12 часот регистрирала оваа невладина организација. Според „Цивил“ постојат најави дека лица од Пустец, Албанија пред час и половина се пристигнати во Скопје за да гласаат со личните карти кои им беа издадени лани, непосредно пред локалните избори.

Повици со забелешки за текот на гласањето до „Цивил“ почнале да пристигнуваат уште од 6 часот изутрина. Забелешки имало во однос на маркерот со кој со обележува прстот на лицата што гласале.

- Advertising -

„Проверивме и сами. Со помош на влажно марамче целосно излезе бојата на маркерот. Ова е сериозна слабост и прашање со кое треба да се позанимаваат Државната изборна комисија и набавувачот на маркерите“, изјави Џабир Дерала од „Цивил“.

Од „Цивил“ забележуваат дека на повеќе избирачки места низ целата земја има присуство на вооружени полицајци на местата каде што се гласа.

Полицијата досега интервенирала на гласачко место во Црниче, каде што била искршена гласачка кутија.

Во шест општини биле забележани партиски активисти, групирани во дворовите пред гласачките места, а во Берово едно лице со камера го снимало избирачкото место.

„Цивил“ апелира до ДИК и до општинските изборни комисии да престанат со вршење притисок врз нивните набљудувачи.

„Ионака сме малку, не ни треба ваков однос од страна на надлежните органи. Апелираме да престане притисокот врз нашите набљудувачи, а надлежните да се однесуваат во согласност со Изборниот закон“, рече Дерала.

Тој изјави дека нерегуларности биле забележани и во текот на вчерашниот ден, за време на изборниот молк. Забележана била агитација, смс пораки со повици за гласање, предвремено соопштување на изборните резултати и агитирање од врата на врата.

 

Поврзани новости