Цивил: Тепањето новинари и недолжни граѓани е криминален и кукавички чин!

by fokus

Цивил – Центар за слобода најостро го осудува насилството во Скопје и во другите градови во Република Македонија и посочува дека одговорни за говорот на омразата и за повиците на етничко и политичко насилство во земјата се токму структурите на моќта кои сè уште се на власт.

Се пролеа крв и луѓе завршија во болници со тешки повреди. Се тепаат новинари кои ја вршат својата работа, да ја информираат јавноста за настаните. Тепањето новинари и недолжни минувачи, не само што е тежок криминал, туку е крајно неморален и кукавички чин! Тоа е неприфатливо и мора веднаш да престане, апелира Цивил и го повикува МВР да преземе итни мерки и акции за да се спречи ескалација на насилствата.

„Криминалните структури повторно се обидуваат да предизвикаат безредија и насилство мотивирано од етничка омраза и политички поделби. Тие ја ризикуваат безбедноста и стабилноста на целата земја, со една единствена цел – да ја осуетат правдата и да го спречат враќањето на демократијата и владеењето на правото во Република Македонија. Цивил го препознава ракописот на авторите на ова сценарио. Јавните повици на насилство ги упатија токму највисоките претставници на владејачката партија, а постапките на нивните коалициони партнери и соучесници во криминалното владеење не заостануваа зад нив во продлабочување на кризата и поттикнувањето или овозможувањето на тензиите“, се вели во реакцијата на Цивил.

Обезбедувањето на протестите, вели Центарот за слобода, на кои им претходеа отворени повици на насилство е прилично скудно овие денови. Со која цел?

„Го потсетуваме Министерот за внатрешни работи дека отсуството на прописна законска реакција е рамно на соучесништво, ако не и поттикнување на насилство, за што ќе мора да одговара еден ден.

Цивил повикува да се осудат насилството и сеењето страв и омраза, да се врати редот и мирот во земјата и присебноста во „тешките мигови на оваа последна, црна епизода.“

„Ги повикуваме граѓанките и граѓаните на нашата заедничка земја да не подлегнуваат на манипулациите. Не наседнувајте на повиците на лажна одбрана на нешто што не е доведено во прашање, бидејќи во прашање не е ниту одбрана на јазикот, ниту идентитетот, ниту историјата, туку во прашање е уште еден обид да се одвлече вниманието од срамното разоткривање на криминалните структури во нашата земја. Да се бара слобода, правда и демократија е возвишена човечка должност и одговорност, не предавство. Да се тепа, мрази и брани криминалот – тоа е предавство“, вели Цивил.

Поврзани новости