ЦИВИЛ со барања до сите активни учесници во изборите

by fokus

Цивил – Центар за слобода го повтори својот повик до сите учесници и засегнати страни во изборниот процес, со јасно и гласно наведување на сите ризични области во пресрет на изборниот ден. Го објавуваме соопштението во целост.

БАРАЊЕ ДО СИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ, КАНДИДАТКИ И КАНДИДАТИ ЗА ГРАДНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА И СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ

Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.

БАРАЊЕ ДО СИТЕ РОДИТЕЛИ И НАСТАВНИОТ КАДАР

Бараме од родителите и од наставниот кадар да ги почитуваат децата и да ги остават надвор од политиката! Децата не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии!

БАРАЊЕ ДО ПОЛИЦИЈАТА И СИТЕ ИНСТИТУЦИИ НА ДРЖАВНО И ЛОКАЛНО НИВО

Секој обид да се наруши изборниот молк и да се прекршат законите поврзани со изборниот процес, веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови).

БАРАЊЕ ДО ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Бараме од Државната изборна комисија и ја охрабруваме да ги искористи сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведе законит, демократски, фер и слободен изборен процес. Ингеренциите на ДИК се највисоки од сите досегашни состави на оваа институција и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува според сопствени наоди и мислење. Очекуваме на овие избори тоа и да го стори.

БАРАЊЕ ДО ИЗБИРАЧКИТЕ ОДБОРИ

Бараме од членовите на Избирачките одбори строго да се придржуваат до процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Ги охрабруваме да не подлегнуваат на евентуалните притисоци и коруптивно делување на одредени структури. За секоја информација која им е потребна, треба да се јават на Општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив да го пријават во полиција, но и ЦИВИЛ стои на располагање за пријавување на таквите случаи.

 

ПОВИК ДО СИТЕ ГРАЃАНКИ И ГРАЃАНИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: ПРИЈАВЕТЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ!

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Македонија.

ЦИВИЛ има мал број набљудувачи, акредитирани се само 191 набљудувач. Затоа, потребна ни е помошта од сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, да ни јавуваат за сите, и најмали, прекршувања на изборниот молк, за сите закани и притисоци, а особено за обидите да се изврши изборен поткуп.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да ни го пријават. Доволно е да ни достават име, презиме, адреса на живеење и број на лична карта. За жал, ДИК и другите институции не најдоа време и начин да го решат овој проблем, но важно е да ги имаме тие информации за да се реши проблемот, еднаш засекогаш, по изборите.

Внимавајте на однесувањето на Избирачките одбори, партиските набљудувачи, полицијата, приватните агенции за обезбедување и другите учесници во изборниот процес. Пријавете нерегуларности!

ПОВИК ДО МЕДИУМИТЕ

Ги повикуваме медиумите да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. Ги охрабруваме да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност. За секој проблем со кој се соочуваат, ние им стоиме на располагање.

Контакти: www.slobodniizbori.info (онлајн формулар), monitor@civil.mk, 02/5209 176, 071/608523, 078/746138

Поврзани новости