Цивил: Откриени нови фантомски влезови и гласачи во Кисела Вода

by lali 15:01
15:01

Наместо два влезови колку што има зградата, додаден е уште еден влез, а наместо тројца гласачи колку што живеат во еден стан, пријавени се по седум.

Ваква е ситуацијата на терен во општината Кисела Вода, на улиците „Пушкинова“ и „Михаил Чаков“.

Од она што екипата на невладината „Цивил“  го проверила на лице место, може да се види дека на улицата „Михаил Чаков“ број 3, има само два влеза, а не три, како што стои во избирачкиот список. Тоа го потврдиле и станарите кои живеат во зградата. Кога екипата од „Цивил“ тропнала на вратата во вториот влез, отвориле двајца млади луѓе. Биле прашани колку влезови има зградата.

- Advertising -

„Два влеза, толку се…“, одговориле тие.

„Но во избирачкиот список запишани се три влезови“, им рекле од „Цивил“.

„Не знаеме зошто, но тука живееме цел живот. Нашата зграда има два влеза“, рекле станарите.

Но, од избирачкиот список јасно се гледа дека на улицата „Михаил Чаков“ запишани се три влезови.

Слична е ситуацијата и со улицата Пушкинова број 2. Имено, во еден од становите како гласачи е запишано едно семејство чиј идентитет е познат за набљудувачите од „Цивил“. Но, освен ова семејство, на избирачкиот список во истиот стан како гласачи се запишани и сите членови од извесно семејство Панчевски.

„Не знаеме како ова семејство се најде дека живее во нашиот стан. Пријавивме секаде, но ништо не се случи“, изјавил станарот од Пушкинова на чија адреса се запишани уште четворица гласачи.

Слична е ситуацијата и со уште еден стан од истата зграда. Таму живее четворочлено семејство, а во избирачкиот список се седуммина. Додадено е извесно семејство Петрушевски.

„Не знаеме кои се тие луѓе. Дојде еднаш и полиција, проверуваше, им кажавме дека во станот не живеат тие лица“, изјавил станарот од улицата Пушкинова.

Оваа зграда исто така има два влезови. Барем така е на терен. Но ситуацијата е поинаква во избирачкиот список – таму стои дека зградата Пушкинова број 2 има 3 влеза. Во третиот, непостоечки влез, во избирачкиот список запишани се трисетина гласачи. Дел од нив се со странски имиња и презимиња.

Од „Цивил“ велат дека ќе продолжат и понатаму со нивните активности и со следење на ситуацијата на теренот, која покажува многу неправилности во однос на додавањето гласачи во одредени станбени згради и допишување влезови.

Поврзани новости