Цивил: Изборниот процес е дефектен!

by Фокус 12:28
12:28

Избирачкиот список е сериозен проблем. Фантомски гласачи, непостоечки влезови и станови во згради или цели згради, починати лица, разместени гласачи, се дел од проблемите со кои се соочуваат гласачите во Македонија, изјави Џабир Дерала од невладината Цивил.

Вкупно 86 пријави од граѓани стигнале до Цивил од почетокот на изборната кампања досега во врска со различни нерегуларности за изборите.

- Advertising -

„Се обративме и ние, а веруваме и други релевантни организации до ДИК, а новинарите се обратија со прашања и до МВР. Добивме одговори дека не се компетентни или ја лоцираа одговорноста на други места. Затоа, ги повикуваме одговорните да се јават конечно и да дадат одговори на овие сериозни прашања“, велат од Цивил.

Досега Цивил утврди дека во три згради во Кисела Вода се додадени влезови во зградите, кои постојат во избирачкиот список, а ги нема на теренот. Таква е ситуацијата со згради на улиците Пушкинова и Михаил Чаков. Постојат и фантомски семејства кои се водат на извесни адреси во Кисела Вода, а не живеат таму – во еден од овие станови живее четворочлено семејство, но во избирачкиот список заведени се како седуммина. Жителите веќе изјавија дека првпат слушаат дека и друго семејство е впишано во избирачкиот список дека живее во нивниот стан.

„Институциите се партизирани во потполност и се злоупотребуваат за партиски цели. Човечките и материјалните ресурси во целост се ставени во функција на политичките кампањи во изборниот процес. Административците работат во полза на партиската кампања, а не според описот на нивните работни задачи. Лица со договор за дело прават списоци и не само тие“, вели Дерала.

Вториот круг од претседателските избори и на денот на вонредните парламентарни избори Цивил ќе го следи со 116 набљудувачи. Граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на веб-страницата Слободни избори и на телефонските броеви 02/5209-176 и 075/707-143.

Поврзани новости