Цивил: Истакнат член на ДУИ вчера со тупаници нападнал наш набљудувач

by Fokus

Среде бел ден, лицето С.М. истакнат член на ДУИ во општина Сарај, физички нападнал активист и член на ЦИВИЛ, информираа од организацијата.  Инцидентот се случил вчера во близина на кружниот тек во Ѓорче Петров, во 14 часот.

– Спроведовме сериозни проверки на теренот и верификација на сите податоци, побаравме и писмена изјава од својот набљудувач и ја обезбедивме потребната документација за инцидентот. Цивил констатира дека напаѓачот е член на избирачкиот одбор во с. Ласкарци, а причината за нападот врз нашиот член е токму тоа што тој беше набљудувач, акредитиран од Државната изборна комисија и овластен од ЦИВИЛ, за набљудување на локалните избори на избирачкото место каде што напаѓачот бил член на избирачкиот одбор – се наведува во соопштението.

Од таму додаваат дека уште на денот на гласањето, на 29 октомври, напаѓачот отворено им се заканувал на набљудувачите на ЦИВИЛ, поради што тие биле повлечени, а јавно, на прес конференција, релевантните институции биле повикани да реагираат.

– Имено, во текот на изборниот ден, на 29 октомври, во 13:30 часот, ЦИВИЛ ги повика ДИК и МВР да преземат мерки да го заштитат изборниот процес во с. Ласкарци. Дали тоа се случи, немаме повратна информација, но вчерашниот напад доволно кажува како стојат работите. Напаѓачот го забележал нашиот набљудувач во Ѓорче Петров во текот на вчерашниот ден и дивјачки го нападнал со тупаници, по што нашиот набљудувач се здобил со повреди констатирани од здравствена установа. Случајот е пријавен во полиција во текот на вчерашниот ден – продолжува понатаму во соопштението.

ЦИВИЛ ја информира јавноста дека се работи за напаѓач кој е влијателен член на владејачката партија ДУИ, кој се дрзнал среде бел ден да го нападне нивниот набљудувач, само затоа што одговорно ја вршел својата задача како акредитиран набљудувач на Државната изборна комисија и овластен член на мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

Поврзани новости