ЦИВИЛ бара да престане политичкиот прогон

by Фокус

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја изразува својата солидарност со сите активисти за човекови права кои се под репресија на власта и ги осудува сите постапки со кои се газат слободата на изразување и правото на протест. Политички монтираните процеси, притисоците и заканите во кои се инволвирани институциите мора да престанат еднаш за секогаш!

„Со години наназад, ЦИВИЛ гласно бара од власта да престане со политичкиот прогон на неистомислениците и ги повикува институциите да се ослободат од партискиот диктат и да престанат да бидат алатка на моќниците за остварување на теснопартиски и лични интереси.

Во таа смисла, ЦИВИЛ го осудува притисокот кој се врши врз активистите, интелектуалците и новинарите кои со своите ангажмани придонесуваат кон надминувањето на политичката криза и враќањето на демократијата и владеењето на правото во Република Македонија. „Информативните“ разговори на кои се повикани Извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска и проф. Мирјана Најчевска, раководителка на Центар за човекови права и разрешување конфликти претставуваат уште еден во долгата низа притисоци и закани врз активистите за човекови права.

ЦИВИЛ се придружува кон повиците за солидарност со Пировска и Најчевска, а воедно уште еднаш ги повторува барањата за ослободување на сите лица против кои се водел или се води политички монтиран процес“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.

Поврзани новости