ЦИВИЛ: Активист на партија го сликал гласачкото ливче и го објавил на инстаграм

by fokus

Приведени лица поради фотографирање на гласачко ливче во Кисела Вода и во Шуто Оризари, а во една општина активист на партија го сликал гласачкото ливче и го објавил на инстаграм, соопштуваат од невладината ЦИВИЛ за регистрирани нерегуларности до 12 часот.

Набљудувачите на ЦИВИЛ забележале дека во Општина Виница, член на ИО станал и гласно му сугерирал на гласач за кого да гласа.

Семејно гласање е нотирано во повеќе избирачки места во општина Студеничани. Семејното и групното гласање, без реакција од избирачките одбори, продолжува, практично, непречено, велат од невладината.

Семејно гласање е нотирано и во општина Липково.

„Во општина Шуто Оризари, случаите на семејно и групно гласање се повеќе од чести и сосема вообичаени, без реакција од избирачките одбори. Особено чести се случаите на семејно и групно гласање во избирачките места во ОУ „26 Јули“ во таа општина“, изјави Џабир Дерала.

Забележано е кршење на изборниот молк во општина Пробиштип. Партиски набљудувачи излегле пред објектот на ОУ Никола Карев и гласно ги повикувале минувачите да гласаат за нивната партија, а дел од нив се јавуваат по телефон и вршат притисок врз гласачите да излезат на гласање и да гласаат за нивната партија.

-Изборниот молк се крши како воопшто да не постои забрана за партиска активност во текот на изборниот ден. Бараме од партиските структури изборната администрација веднаш да престанат со опструкциите на набљудувачите на ЦИВИЛ – изјави Џабир Дерала.

Тој апелира до политичките партии веднаш да престанат со притисоци врз граѓаните и веднаш да престанат со кршењето на изборниот молк.

 

Поврзани новости