Ципрас: Уште еднаш ѝ посакувам добредојде на Северна Македонија

by fokus

Би сакал, уште еднаш од тука, да ѝ посакам добредојде на Северна Македонија пријателска земја која треба да биде поддршка, а не противник во нашите напори за безбедност, стабилност,  и соработка во поширокиот регион, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на крајот од неговиот говор во грчкиот Парламент за време на  расправата за Протоколот за членство во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас рече дека со Договорот од Преспа тие го направиле она што сметале дека е правилно и нивна национална должност.

-Денешното гласање е гласање кое затвора, според моето мислење еден важен циклус, најважниот циклус од обврските од историскито Договор од Преспа и се однесуваат на Грција. Од утре со ратификацијата на членството, како што предвидува самиот договор, обврските повторно се враќаат кај соседите, рече Ципрас.

Грчкиот премиер одговори на дел од прашањата што ги постави лидерот на опозициската Нова демократија. Се осврна и на најавите на Мицотакис дека тие ќе го искористат правото на вето на патот на нашата земја кон ЕУ. Грчкиот премиер рече дека тоа е процес што „нема да заврши утре задутре, туку во 2030“ и објасни дека тоа е алатка што се однесува на секоја земја и секоја земја на ЕУ има право на оваа алатка. Но, она што е посуштинско, како што рече Ципрас, е дали Нова демократија ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

-Навистина вие сметате дека земјата треба да има цел да ја спречи европската перспектива на Северна Македонија?  го праша Ципрас, лидерот на Нова демократија и прашањето го постави и во однос на останатите земји од регионот.

-Можеби има интерес земјата од влијание на трети сили во нашето соседство со други аспирации и стремежи во регионот на Балканот? , продолжи Ципрас.

Во однос на членството во НАТО и она што денес беше точка на дневен ред, грчкиот премиер рече дека тоа е „избор и суверено право на соседната земја, народот и владата“, а не е одлука на Грција. И во однос на ова, Ципрас го праша Мицотакис зошто е против.

Грчкиот премиер во неговото обраќање уште еднаш повтори дека избори во земјата ќе има по завршувањето на четиригодишниот мандат на владата.

Поврзани новости