Ципрас: Мицотакис направи импресивно салто во однос на Преспанскиот договор, но добро е што ќе го почитува

by Фокус

Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, во говорот на Меѓународниот саем во Солун изјави дека актуелниот премиер Констатинос Мицотакис и неговата влада се надминале во, како што вели, хипокризија и демагогијата во однос на Преспанскиот договор. Притоа, Ципрас посочи дека неговата поранешна влада била навредувана поради договорот, кој, според него, го штити националниот интерес и мирниот соживот со соседите.

-Оние кои лани не навредуваа, оние кои ги толерираа нападите со молотов врз домовите на пратениците кои гласаа во Парламентот, оние кои договорот го нарекуваа предавнички, штетен договор… Сега истите тие доаѓаат и велат дека не само што ќе го спроведат, не само што ќе се придржуваат до верно спроведување, туку и ќе го почитуваат. И им велиме – многу добро ќе направите што ќе го почитувате. Тоа е договор што вреди да се почитува од секоја влада, но на овој начин правите вашето салто да изгледа поимпресивно од тоа што навистина е – рече Ципрас.

Тој додаде дека благодарение на Договорот од Преспа, Грција е примена во Берлинскиот процес и во кинеската иницијатива 16+1 која стана 17+1, процветале трилатералните и квадрилатералните соработки, а, како што нагласи поранешниот грчки премиер, Солун сега има надградена улога на Балканот.

Поврзани новости