ЦИКП: Дали Заев ќе може да ги задржи гласовите од речиси 40.000 македонски Албанци?

by fokus

Пристапот на СДСМ покажа дека „широкоградоста“ за унапредување на статусот на една етничка заедница, може да бидат алатка за изборен успех, но и причина за радикализирање на состојбите и дискурсот како кај претставниците на етничките Албанци, така и кај Македонците и другите помали етникуми, констатираат од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во анализата под наслов „Македонски Обама или платформа од Тирана: како да освоите гласови од „другите“ и што понатаму?“ која дава преглед за искуствата на политичките партиите во РМ за тоа дали, зошто и како (не)успеале да ги привлечат и задржат гласовите на гласачи од различна етничка припадност.

Од центарот велат дека е потребно да се ублажи националистичката реторика која се јави по последните парламентарни избори. Сметаат дека меѓуетничките односи и партиските судири се радикализирани и дека се потребни техниките за превенција на етнички конфликти.

„Придобивањето гласови од „другата“ заедница, т.е. „македонски и албански гласачи“ од страна на „албански или македонски“ кандидати и партии не е невозможна мисија. Со примамлива порака и кампања, Имер Селмани во 2009 и СДСМ во 2016 година успеаја да добијат значителен број гласови од „другите“. Селмани не успеа да го повтори изборниот успех во подоцнежните циклуси, а прашање е дали и СДСМ ќе може да ги задржи гласовите кои им беа доверени од речиси 40.000 македонски Албанци“, велат од Центарот.

Додаваат дека на македонското општество му е потребна реформа на политичкиот и изборниот систем во насока на зајакнување на интегративноста и меѓуетничката кохабитација.

„Како една од препораките е промена во начинот на избор на Претседател на државата со што би прецизирало дека за да биде избран одреден кандидат/ка за Претседател, истиот/а треба да има одреден процент гласови од сите изборни единици, вклучувајќи ги и тие каде македонските Албанци се мнозинство или се во значител број, со што би се постигнал ефект на модерација на изборната агенда на кандидатот/ката Македонец/ка, без да има формална одредба која би повлекла уставни промени и воведување на институцијата „потпретседател“. Друг механизам би бил воведување на т.н.„алтернативен глас“ (alternative vote) при одржувањето на парламентарни или локални избори. Според моделот, гласачите на изборите ги рангираат кандидатите според своите преференции. Ако кандидатот/ката освои апсолутно мнозинство на прворангирани преференции, тој/таа е избран/а во изборното место. Ако ниту еден кандидат/ка не освои апсолутно мнозинство (повеќе од половина) на прворангирани преференции, тогаш последно рангираниот/ната се елиминира и гласачките листови на тој кандидат се прегледуваат и се пресметуваат второрангираните преференции и се додаваат на преостанатите кандидати. Доколку повторно нема кандидатот кој освоил апсолутно мнозинство, постапката се повторува сè додека некој од кандидатите не добие апсолутно мнозинство“, предлагаат од ЦИКП.

Поврзани новости