Циклонот пристигна: Со себе носи дожд, снег и бела покривка – детали

by fokus

Нашата територија до крајот на денов ќе се наоѓа под влијание на циклонска активност. Времето ќе биде облачно со поинтензивни врнежи кој ќе бидат претежно од снег, иако на некои пониски места и тоа особено на југоисток ќе бидат од дожд и од снег.

До крајот на денов и вечерва на повеќе места ќе се формира снежна покривка, на повисоките места и на планините како и на југот и на запад локално и позначителна. Ќе дува умерен, повремено на некои места засилен ветер од северен правец. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 7 степени во најтоплите предели од државава.

Во Скопје и околината времето ќе биде облачно со врнежи кој ќе бидат претежно од снег, иако повремено има услови и за врнежи од дожд и снег. Ќе дува северен ветер кој повремено ќе засилува. Максималната дневна температура се очекува да се искачи до околу 3 степени.

Потоа од утре ќе имаме постабилно време, со многу пониски минимални температури на воздухот кој на повеќе места ќе бидат негативни. Максималните дневни температури во следните денови ќе бележат тенденција на постепен пораст.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Со оглед на тоа дека следните утра ќе бидат МНОГУ ПОСТУДЕНИ со НЕГАТИВНИ минимални температури на воздухот, на земјоделците ги советуваме со време да ги заштитат своите земјоделски култури и посеви.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости