ЦГК: Повеќе од 400 милиони евра договори за јавни набавки се склучени во постапки со само една понуда

by Fokus

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Според ЦГК, клучните наоди од истражувањето се дека „секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра)“.

Оттаму посочуваат дека „просечниот број понуди по тендер во 2022 година изнесува 3, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021“.

Информираат дека „90 % од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот кој бил предвиден во плановите за јавни набавки, а поништени се 31% од постапките за јавни набавки“.

Истражувањето поажало дека „низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 31 милион евра, што е намалување за 30% во однос на претходната година, а се намалува и бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34% помалку од претходната година“.

„93% од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот, а 54 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите“ се вели во извештајот на ЦГК.

Поврзани новости